Зависноста од шеќер е иста како зависноста од дрога?

Зависноста од дрога може да биде ментално и физички деструктивна, но што ако зависноста од шеќер ги има истите последици?

Со оглед на епидемијата на дебелина, како и на зголемената стапка на дијабетес и срцеви заболувања, научниците започнаа да ја гледаат зависноста од шеќер во ново светло – како речиси подеднакво штетна за здравјето како и дрогата.

Во новото истражување од Универзитетот за технологија во Квинсленд, Австралија, истражувачите велат дека во иднина, зависноста од шеќер може да се третира на истиот начин како и зависноста од дрога. Исто како и зависноста од алкохол, цигари или дрога, конзумирањето на високо ниво на шеќер го зголемува нивото на допамин и ги активира истите нервни патишта во мозокот кои предизвикуваат задоволство.

Ако луѓето јадат големи количества на шеќер секој ден во подолг временски период, ќе се соочат со намалување на нивото на допамин, што ќе ги поттикне да конзумираат уште повеќе шеќер за да го достигнат истото ниво на допамин. Тоа е еден циклус на зависност кој ги остава луѓето постојано незадоволни и постојано ќе сакаат повеќе. Откажувањето од шеќерот, како и откажувањето од другите зависности, може да предизвика нарушување на нивото на допамин, што дополнително го отежнува процесот на откажување.

Истражувачите спровеле експерименти на глувци зависни од шеќер, при кои лекот „varenicline“ што се користи за откажување од цигари се покажал ефикасен за намалување на зависноста од шеќер.

Доколку и понатамошните истражувања го потврдат ова, овој лек би можел да се користи како потенцијален третман за дебелината.

Истражувањето е објавено во „PLOS One“.

Поддржете ја нашата работа: