Веќе е познато дека брусницата е корисна за лекување на инфекции на уринарниот тракт, но според едно ново истражување таа е корисна и за други делови од нашето тело, вклучувајќи го нашиот кардиоваскуларен систем, мозок и имунитет.
Истражувањето имало за цел да испита специфични состојки во брусницата кои би можеле да имаат влијание на целото тело, како што се полифенолите – антиоксиданси кои се поврзани со многу здравствени придобивки меѓу кои и подобра функција на бубрезите и срцето, како и подобра циркулација.
Полифенолите имаат анти-воспалителни својства и може да се најдат и во друга храна и пијалоци, како на пример зелениот чај, кафето и црвеното вино. Повеќето зрнести плодови (малини, капини, боровинки, јагоди) се исто така богати со полифеноли.
Со оглед на сложената природа на соединенијата кои се наоѓаат во зрнестите плодови и начинот на кој тие реагираат едни со други, научниците сметаат дека идентификувале само мал дел од потенцијалната моќ на брусницата.
Истражувачите откриле дека соединенијата на брусницата покажуваат потенцијал за зајакнување на микробиомот во стомакот, имунолошкиот систем и кардио-васкуларното здравје. Тие исто така откриле дека производите од брусница можат да помогнат во регулирањето на нивото на крвен притисок, циркулација и масти во крвта. Особено нискокалоричниот и незасладен сок од брусница или сушената брусница покажале способност да го регулираат шеќерот во крвта, или глукозата, кај лицата со дијабетес тип 2.
Истражувачите истакнуваат дека утврдиле дека брусницата е меѓу највисоко рангираните зрнести плодови кои се богати со полифеноли, кои пак може да реагираат со други биоактивни соединенија во брусницата кои ги штитат бактериите во стомакот и овозможуваат антиоксидантни и антивоспалителни функции, кои пак ја подобруваат функцијата на кардиоваскуларниот систем, имунолошкиот систем и метаболизмот.
Потребни се дополнителни истражувања за да се испита целосниот ефект од брусницата, но засега доволно е да пиете сок од брусница или да јадете сушена брусница за да уживате во потенцијалните придобивки од овие антиоксиданси.