Иако рамноправноста меѓу половите обично е добра работа, сепак, кога се работи за конзумирање алкохол, жените кои пијат исто колку и мажите би можеле да се соочат со многу посериозни последици.
Едно ново истражување покажува дека конзумирањето на алкохол од страна на жените ширум светот, денеска достигнува до точка каде тие речиси се изедначуваат со мажите. Овој тренд особено се забележува кај помладите жени. На пример, мажите родени помеѓу 1891 и 1910 година, пиеле околу два пати повеќе од жените, но лицата родени помеѓу 1991 и 2000 година пијат подеднакво, без оглед на нивниот пол.
Според истражувањето, разликата во конзумирањето алкохол помеѓу мажите и жените најдрастично се намалува помеѓу лицата родени после 1966 година, но оттогаш продолжува постојано да се намалува. Не само што сѐ повеќе жени пијат алкохол, туку количеството на конзумираниот алкохол достигнува „опасно ниво“, со што си наштетуваат себеси како резултат на оваа нивна навика, се објаснува во извештајот од истражувањето.
Не е јасно зошто токму младите жени пијат повеќе од порано, но ваквата промена на однесувањето на глобално ниво може да има сериозни последици.
Според Националниот институт за здравје на САД, жените се почувствителни на штетните последици од алкохолот, едноставно затоа што е доволно помало количество алкохол за да доведе од нарушувања кај жените, отколку кај мажите. Жените на различен начин го апсорбираат алкохолот од мажите затоа што имаат помалку вода во телото. Покрај тоа, жените го елиминираат алкохолот од телото побрзо од мажите. Поради ова, доколку жените пијат алкохол приближно или исто како и мажите, тие стануваат поподложни на оштетувања на органите предизвикани од алкохол, на незгоди поврзани со ефектите од алкохолот и склоност кон насилство.
Покрај ова, жените се посклони кон оштетувања на мозокот и болести на срцето како последица на алкохолот, а конзумирањето алкохол го зголемува и ризикот од развој на рак на дојка кај жените.
Водачот на истражувањето д-р.Тим Слејд, од Универзитетот Нов Јужен Велс во Австралија, вели дека намалувањето на разликата во количината на конзумирање алкохол помеѓу половите значи дека веќе не може да се смета дека пиењето и штетните последици од алкохолот се однесуваат само на мажите.