Додека го чекаме конечниот заклучок дали вирусот Зика го оштетува мозокот на бебињата, една анализа што беше објавена во списанието „The Lancet“ укажува на силни докази дека овој вирус може да биде опасен и за возрасните, бидејќи може да предизвика состојба позната како Гијен-Бареов синдром.
Синдромот Гијен-Баре (ГБС) може да се јави кратко време откако човек ќе биде зафатен со бактериска или вирусна инфекција. Се карактеризира со изразена слабост и трпнење на мускулите на екстремитетите. Во тешките случаи доведува до парализа, оневозможувајќи го пациентот да се движи. Повеќето од пациентите потполно се опоравуваат од оваа состојба, но 30 проценти може да чувствуваат слабост во мускулите и до три години од болеста. ГБС предизвикува смрт кај 3 до 5 проценти од заболените лица.
Меѓу вирусите за кои се знае дека можат да предизвикаат ГБС се денга вирусот, западно – нилската треска, јапонскиот енцефалитис и чикунгинија. Инфекциите со „Campylobacter“ исто така се поврзуваат со појвата на овој синдром.
Ваква поврзаност сега е откриена и со вирусот Зика.
За време на епидемиите на Зика, на островите во Француска Полинезија во 2013 и 2014 година, бројот на случаите со ГБС се покачил за речиси осум пати.
Латино американските земји кои сега се соочуваат со ваква епидемија, веќе пријавуваат сличен пораст на случаи со ГБС. На пример, во Бразил во 2015 имало 19 проценти повеќе случаи со ГБС во однос на 2014 г, во Ел Салвадор само помеѓу 1-ви декември минатата година и 8-ми јануари годинава забележени се 118 случаи со ГБС – инаку просекот на годишно ниво изнесува 169. Бројот на заболени исто така се зголемил и во Колумбија, Суринам и Венецуела.
Во споредба со другите вируси кои можат да предизвикаат ГБС, симптомите на ГБС предизвикан од Зика се јавуваат многу брзо, во рок од четири дена од инфекцијата, наместо во рок од две недели, но исто така и побрзо се повлекуваат.
Како истражувачите ја потврдиле оваа поврзаност?
Анализите на крвта од 42 лица од Француска Полинезија кои биле дијагностицирани со ГБС за време на епидемијата покажале дека 41 лице биле носители на тип на антитела кои укажувале дека претходно биле инфицирани со Зика вирусот.
Зика може да помине и без симптоми, но 88 проценти од тие 42 лица пројавиле симптоми типични за Зика инфекција, како висока температура, една недела пред појавата на ГБС.
Кај случаите со ГБС кои сега се јавуваат во Латинска Америка, само кај пет лица лабораториски е потврдено дека имаат Зика. Тоа значи дека податоците од Француска Полинезија засега претставуваат најдобриот показател за поврзаноста помеѓу ГБС и Зика.
Како може Зика да предизвика ГБС?
Ова сѐ уште не е доволно јасно. Кај случаите на ГБС поттикнати од други вируси се смета дека имуниот систем станува „збунет“ кога се бори со вирусот и по грешка ги напаѓа нервите, предизвикувјќи парализа на тој начин. Но, збунувачки е тоа што истражувачите не успеале да најдат антитела за Зика кои исто така би ги нападнале нервите кај заболените од Полинезија. Истражувачите велат дека засега немаат објаснување за механизмот со кој Зика ја поттикнува оваа состојба.
Колку луѓе со Зика би можеле да развијат ГБС?
Врз основа на инциденцијата во Француска Полинезија, истражувачите проценуваат дека 24 лица на секои 100.000 инфицирани со Зика ќе развијат ГБС, но тие нагласуваат дека ново заразените области во Латинска Америка може да покажат различна осетливост.
Како се третира ГБС?
Лицата може да добијат инфузија со имуноглобулини, еден вид на антитела кои често се користат кај лица со автоимуни болести. Ова може да го намали нападот на нервните клетки, но истражувачите истакнуваат дека никој не знае точно како тоа функционира.
Друга опција е да се земе крв од пациентот и да се отфрли плазмата и повторно да се врати само со црвени и бели крвни зрнца. Ова може да делува, бидејќи се отстрануваат агенсите во крвта кои би можеле да ги нападнат нервите.
Во една четвртина од случаите се применува интензивно лекување каде се применуваат вештачки респиратори за да може телото да функционира додека се опоравува нервниот систем.