Зошто чоколадата и виното предизвикуваат мигрена кај некои луѓе?

Научниците веруваат дека откриле зошто чоколадата и виното ги поттикнуваат мигрените кај некои луѓе. Се работи за микробите во цревата и начинот на кој тие реагираат со супстанциите од храната.

Преку реакции поттикнати од бактериите во цревата, нитратите што се наоѓаат во храната – како чоколодото, месните преработки и други продукти се претвораат во нуспродукти на азот моноксид. Овие нуспродукти, кои и во претходни истражувања биле поврзувани со мигрените се причина за овие ужасни главоболки.

Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, извршиле анализа на податоците од 172 орални примероци и 1.996 примероци од фецес, добиени од проектот „American Gut Project“.

Резултатите покажале дека луѓето кои страдаат од мигрени, исто така имаат и зголемено ниво на бактерии во цревата кои можат да ги модифицираат нитратите.

Кога нитратите навлегуваат во цревата преку храната и пијалокот, овие бактерии нив ги користат како гориво. Но, ова не е крај на процесот, бидејќи отпадните продукти од самите бактерии, наречени нитрити, на крај како азот моноксид навлегуваат во крвта. Азот моноксидот не е секогаш штетен затоа што предизвикува ширење на крвните садови во телото и помага за подобро кардиоваскуларно здравје со тоа што ја зголемува циркулацијата. Меѓутоа се смета дека ваквото ширење на крвните садови и воспаленијата може да го зголеми ризикот од појава на мигрена.

Всушност и пациентите кои имаат болки во градите и срцеви проблеми, често користат лекови кои содржат нитрати, но, според изјавите, кај повеќе од 80 проценти од нив се јавуваат мигренозни болки како несакана последица, со што се отвора прашањето дали бакретиите се виновни за тоа.

Генетската анализа на бактериите од земените примероци исто така покажала дека бактериите чии гени се одговорни за ензимите кои се поврзани со нитратите, нитритите и азот моноксидот, се многу позастапени во устата и во цревата кај лицата кои страдаат од мигрена.

18-red-wine-chocolate-nitrates-w710-h473

Иако ова претставува уште еден аргумент дека бактериите во устата и цревата претставуваат врската помеѓу нитратите од храната и мигрените, истражувачите признаваат дека се потребни уште докази за да се потврди оваа хипотеза.

„Сѐ уште останува нејасно дали овие бактерии се причина или резултат од мигрената, или  индиректно се поврзани на некој друг начин“- велат истражувачите.

Доколку оваа врска постои, тоа би можело да овозможи голем број различни третмани со кои би се олесниле мигренозните болки, како на пример „ магична течност за испирање на устата со пробиотици“- укажуваат научниците.

Дотогаш, најдобар совет за луѓето што патат од мигрена за жал е да ги избегнуваат чоколадите и црвеното  вино, велат научниците.

Наодите се објавени во „mSystems“.

Поддржете ја нашата работа: