Подоброто образование и ментално предизвикувачките проблеми во училиштата можеби се најдоброто објаснување за драматичниот пораст на коефициентот на интелигенција во изминатиот век, што често се нарекува „ефектот на Флин“, според истражувањето објавено во “Intelligence“.
Овие откритија исто така покажуваат дека животната средина може да има поголемо влијание на интелигенцијата отколку што се мислело.
Истражувачите веќе подолго време се обидуваат да објаснат зошто коефициентот на интелигенција брзо се зголемил, особено во 20-тиот век. Постојат многу хипотези за ефектот на Флин, но досега сите се покажале неуспешни. Сега, истражувачите велат дека зголемувањето на образованието и образовните установи, односно средината за учење се причините поради кои се зголемила интелигенцијата.
Дури и основните школски активности може да го обликуваат развојот на мозокот, но во текот на изминатиот век, училиштата преминаа од учење кое е фокусирано на меморирање, на лекции кои бараат решавање на проблеми и вештини на апстрактно размислување, кои пак се сметаат за основни функции на интелигенцијата.
Истражувачите спровеле 3 истражувања, од невролошка, когнитивна и демографска перспектива. Тие сметаат дека само генетиката не може да го објасни ефектот на Флин бидејќи процесот на природна селекција е премногу бавен за да биде единствената причина за зголемувањето на интелигенцијата. Според ова, интелигенцијата е комбинација од генетиката и животната средина.
Во првото истражување, научниците користеле функционална магнетна резонанца за да ја измерат активноста на мозокот кај децата кои решавале одредени математички задачи. Откриле дека тоа активира области во мозокот кои се познати како центри за интелигенција. Било спроведено и едно истражување на терен, во земјоделските заедници во Перу каде што образованието неодамна стана целосно достапно. Резултатите покажале дека образованието имало значајно влијание за подобрувањето на когнитивните функции.
Многумина сметаат дека школувањето „отапува“, но тоа не е точно. Токму поради ова погрешно мислење и научниците досега не ги земале предвид влијанијата на образованието како главна општествена средина во невролошкиот развој.
Исто како што физичките вежби ги подобруваат перформансите на спортистите, така и овие ментални вежби во училиштата ги подобруваат мозочните „мускули“, со што луѓето покажуваат подобри резултати при решавањето на одреден вид на проблеми за кои е потребно флексибилно и апстрактно размилување, како што се тестовите за коефициентот на интелигенција.