Сигурно сте забележале дека вашето маче обожува да се крие во кутиите низ вашиот дом. Зошто е тоа така? И покрај очигледната предност која тие, како предатори, ја имаат во однос на својот плен додека се кријат, тоа не е единствената причина поради која го прават тоа. „Wired“ во својата рубрика „What’s Up With That“ ни ја објаснува науката позади ова однесување.
Клаудија Винке, етолог (научник за однесувањето на животните) од Универзитетот во Утрехт, Холандија го истражувала нивото на стрес кај мачките, конкретно кај мачките од центрите за згрижување на животни во Холандија, каде што на една група на мачки им биле дадени кутии, а на друга не. Нивото на стрес значително се разликувало помеѓу овие две групи. Мачките кои имале кутии биле посмирени, повеќе си играле со луѓето и побрзо се привикнале на новата средина. Кутијата на некој начин им обезбедила чувство на сигурност.
„Сето ова има смисла со оглед на тоа што сите мачки се кријат при некоја стресна ситуација. Дивите мачки се кријат на пример на дрвјата, додека за домашните доволна е и една кутија за чевли“, вели Винке.
Според друго истражување, односно научен труд од Универзитетот во Кембриџ и Инстититот за етологија и психологија кај животните, мачките се кријат во кутиите за да ги избегнат своите проблеми, односно да ги избегнат непријателите или непосакуваното внимание, што ги прави на некој начин недруштвени. Меѓутоа, не секој би се согласил со тоа, со оглед на тоа што понекогаш изгледа како едноставно да си играат.
Покрај кутиите, мачките се „пикаат“ и на многу други чудни места, како на пример во лавабото во бањата, во чевлите и сл. Термо-неутрална зона за домашните мачки, односно температура на која се чувствуваат удобно и не треба да трошат енергија за да се стоплат или оладат, е од 30-36 степени Целзиусови. Тоа е цели 20 степени повеќе од човекот, па не би требало да не изненадува тоа што едноставно сакаат да се стоплат.
Значи, едноставно, кутиите се места за изолација и ослободување од стресот, каде што мачките се чувствуваат удобно. Тоа се места каде што мачките можат да се скријат, да се релаксираат, да спијат, а понекогаш и подмолно да организираат „напад“ против својот плен.
ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусија на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.