Веројатно ви е познат трикот дека ако некој ви пушти банкнота помеѓу прстите, а вие се обидете да ја фатите, нема да успеете. Токму така, се работи за трик, бидејќи освен ако немате извонредни способности, никогаш нема да успеете да ја фатите банкнотата (ако не верувате пробајте со пријателите).
Сепак, нема потреба за фрустрација затоа што има математичка причина зошто ова не може да се изведе, а основата се наоѓа во биолошкиот факт дека времето за реакција кај најголемиот број луѓе изнесува 0,2 секунди.
Имено, приближно 0,2 секунди е потребното време за да видите нешто, да го процесирате и на тоа физички да реагирате, што всушност, е прилично импресивно. Но, тоа сепак не е ни приближно доволно брзо за да можат вашите очи да ја видат банкнотата што паѓа, вашиот мозок да ја обработи таа информација и да им нареди на вашите прсти да се спојат за да ја фатат банкнотата.

Како што вели математичарот Тадаши Токиеда во видеото на „Numberphile“, ова може математички да се објасни. Како што е познато, ако фрлите предмет од височина, може да го пресметате времето за кое тој ќе падне на земја, врз основа на брзината со која паѓа и растојанието што треба да го помине, или растојанието може да се пресмета врз основа на брзината со која паѓа и времето што е потребно да падне на земја.
Тоа се пресметува преку равенката D = 1/2 gt2, каде што D = растојанието, t = времето, g = земјиното (гравитациското) забрзување, а GT = брзината со која паѓа.
Земјиното забрзување изнесува 9,8 m/s2, но за потребите на оваа пресметка, Токиеда ја заокружува вредноста на 10.
Ако ја употребите равенката да го пресметате растојанието, врз основа на времето на реакцијата на човекот од 0,2 секунди и земјиното забрзување со вредност 10, ќе добиете 0,2 метри или 20 сантиметри.
Должината на банкнотата (во овој случај американски долар, но и нашите се отприлика толку) изнесува околу 15 сантиметри, што значи дека ако некој држи банкнота на растојание од 5 сантиметри или помалку, скоро е невозможно да реагирате доволно брзо за да ја фатите банкнотата.
Но, погледнете го видеото и видете како некој со потпросечно времена реакција може да успее да го постигне ова – само треба да избере кои прсти ќе ги користи.