Памучните стапчиња првенствено се користат за отстранување на ушниот восок, меѓутоа токму тој придонесува за одржување на здравјето на увото.
„Ушниот восок има антибактериски и антифунгални својства. Тој спречува кожата на ушниот канал да стане премногу сува и е природен чистач на ушниот канал“- изјавува д-р Џефри Шпигел, професор на Одделот за отоларингологија на факултетот за медицина во Бостон.
Количината на ушниот восок, како и бојата и конзистентноста (мек наспроти тврд) варира од личност до личност. Ушниот восок природно се собира и се отстранува од надворешниот дел на увото. Се што го спречува восокот да се отстрани, како на пример постојаното носење на слушалки во ушите, може да доведе до негово зголемување.
Едно истражување во 2008 г. спроведено на 12 милиони пациенти во текот на годината, покажува дека до зголемување на ушниот восок доведуваат слушалките за уши, прекумерната коса во увото, тесните ушни канали, како и коскените израстоци кои имаат тенденција да се појавуваат кај луѓето кои сурфаат.
Очигледно, клучот е да се одржи наталожувањето на восок на минимум. Памучните стапчиња се одлични за чистење на надворешното уво, меѓутоа претставуваат вистинска опасност за внатрешното.
Ушниот канал, кој има многу чувствителна кожа, може да се изгребе со памучното стапче и може да се добие ушна инфекција- вели Шпигел. Сите ние мислиме дека памучните стапчиња функционираат бидејќи малку од восокот што се наоѓа на страната на каналот, се лепи за памукот и му ја менува бојата од бела во жолта. Меѓутоа, со врвот само го буткаме восокот подлабоко во ушниот канал, од каде што е тешко да се извади.
Буткањето на памучните стапчиња подлабоко во увото, ја оштетува деликатната структура на средното и внатрешното уво, што може да доведе до трајно оштетување на слухот, крварење и црвенило.
Па затоа, изненадувачки, најдобриот начин за да се исчистат ушите – е да не се чистат!
Оставете го ушниот канал на раат и восокот природно ќе си се исчисти. Доколку сте загрижени, посетете доктор. Тој ќе употреби микроскоп и микрохируршки инструменти и комотно ќе го извади восокот од вашите уши- вели Шпигел.
Постојат алтернативни начини за одржување на здравјето на увото. Шпигел споменува голем број на капки за разложување на восокот, но препорачува консултација со доктор. „Доколку имате дупка на вашето ушно тапанче и ставите капки за разложување на восок, може да предизвикате инфекција. Некои луѓе пак, имаат многу тесни ушни канали и користењето на капки може да ја влоши ситуацијата“.