Зошто сакаме да јадеме навечер?

Ако спаѓате во оние што јадат во доцните ноќни часови, за тоа е крив вашиот мозок. Според едно ново истражување од Универзитетот Бригам Јанг, луѓето имаат тенденција повеќепати да јадат доцна ноќе, бидејќи во тоа време мозокот е помалку чувствителен на задоволството што го пружа храната. Затоа сме помалку задоволни од храната што ја јадеме во „ситните саати“, па оттаму и потребата повторно да посегнеме по храна.

Во текот на истражувањето, научниците ги снимале активностите на мозокот со магнетна резонанца кај учесниците, на кои им биле покажани 360 слики, на кои била прикажана храна. На сликите имало и здрава храна (како риба и зеленчук) и високо калорична храна (како колачи, сладолед и брза храна). Сликите им биле покажувани и дење и ноќе.

Кај учесниците се покажала зголемена активност на мозокот кога ги гледале и едните и другите слики, но поголем нервен одговор имало кај сликите со високо калоричната храна, што било и очекувано. Но, истражувачите исто така забележале помала мозочна активност кога учесниците ги гледале сликите ноќе, што укажува дека „задоволството“ што го чувствува мозокот од храната, се намалува во доцните часови. Тоа значи дека имате потреба да јадете повеќе за да почувствувате задоволство.

Истражувачите се’ уште не се доволно сигурни зошто мозокот вака реагира на храната ноќе, но сметаат дека природниот биолошки ритам кој  диктира кога сме активни, а кога одмараме, има голема улога.

Ова сознание би можело да им помогне на луѓето да ги сменат навиките во исхраната. Затоа, за да му одолеете на апетитот во доцните часови, сетете се дека „тој е само во вашата глава“.

Истражувањето е објавено во списанието „Brain Imaging and Behavior“.

Поддржете ја нашата работа: