Има ли хомосексуалност кај животните?

Веќе е познато дека хомосексуалноста е доста честа кај луѓето. Но, исто така, е многу честa и кај животните, од инсектите до цицачите. Што навистина се случува? Можат ли овие животни навистина да се наречат хомосексуалци?

Научниците веќе со децении ги набљудуваат животните како се парат со единки од истиот пол. Но, порано повеќето документирани случаи се сметале за аномалии или едноставно љубопитност. Пресвртна точка била книгата „Biological Exuberance“ на Брус Багемил во 1999 година, каде што биле наведени премногу примери од различни видови на животни, по што научниците започнале систематски да го проучуваат ова однесување.

„Иако понекогаш кај некои видови мажјаците и женките се слични и тешко е да се разликуваат, хомосексуалното однесување кај некои од нив не е „повремено љубопитство“, туку напротив, редовен однос. Земете ги на пример, мајмуните макаки“, вели Пол Вејси од Универзитетот Летбриџ во Алберта, Канада, кој веќе 20 години ги проучува јапонските мајмуни макаки.

Вејси смета дека женките макаки кои имаат односи со други женки, не се навистина хомосексуалци. Во една студија од 2006 година, тој и неговиот тим, предложиле дека женките макаки едноставно бараат сексуално задоволство и користат повеќе различни позиции и движења за да го зголемат, без разлика дали со мажјаци или со женки.

Во некои случаи, постои јасна еволуциска причина зошто животните се впуштаат во хомосексуално однесување. Земете ги на пример винските мушички. Во првите 30 минути од животот, тие ќе се обидат да се спарат со која било друга мушичка, машка или женска, се додека по некое време не научат да го распознаваат мирисот на женките и да се фокусираат на нив.

Некои животни пак, изгледа нека навистина се хомосексулаци, како на пр. „Laysan“ албатросот кој се гнезди во Хаваи, САД. Овие птици остануваат со еден партнер цел живот, а дури 31% од тие парови на осторовот Оаху се составени од две женки. Сепак, тоа најверојатно е резултат на недостатокот на мажјаци на островот. Истражувањата на други птици укажуваат дека спојувањето на единки од ист пол е резултат на недостатокот на мажјаци, и би било многу поретко доколку соодносот би бил еднаков. Со други зборови, албатросите не би биле со друга женка, кога би имало доволно мажјаци.

Па, можеби на погрешно место бараме пример за хомосексуални животни. Со оглед на тоа што ни е познато дека човекот може да биде хомосексуалец, можеби треба ги погледнеме нашите најблиски роднини, мајмуните.

На пр. мајмуните бонобо, каде што сексот покрај тоа што овозможува репродукција, се користи и за да се зацврстат социјалните врски, и се среќава хомосексуално однесување и кај мажјаците и кај женките. Истото се случува и кај делфините. Како што луѓето го користат сексот за да се здобијат со одредени предности, така и животните.

Па, можеби е најдобро сите овие животни да се наречат бисексуалци, бидејќи не покажуваат постојана сексуална ориентација.

Само два вида покажуваат трајни предности за истиот пол, дури и кога имаат достапни партнери од спротивниот пол. Едниот вид, се разбира, е човекот, а другиот е овцата.

Околу 8% од машките овци во едно стадо, преферираат други машки, иако имаат женки на располагање. Невролозите, во 1994 година, откриле дека дел од хипоталамусот кој го контролира ослободувањето на секс-хормоните, бил помал кај хомосексуалните овци. Ова соодветствува со истражувањето на Сајмон ЛеВеј во 1991 година, каде што опишал слични разлики во мозочната структура помеѓу „геј“ и „стрејт“ мажите.

Сепак, ЛеВеј смета дека оној ген кој го поттикнува хомосексуалното однесување кај машките овци, би можел да ги направи женките поплодни, или пак да им ја зголеми желбата за парење. Доколку овие гени имаат ваков корисен ефект, тогаш тие го надминуваат ефектот кај машките и генот опстојува. Меѓутоа, ова е случај само кај домашните овци кои сепак се одгледувани од фармерите со главна цел што повеќе да се размножуваат, што можеби била и причината за појавата на хомосексуални мажјаци.

Па, ЛеВеј и Вејсли сметаат дека луѓето се единствениот документиран случај на „вистинска хомосексуалност“. Животните едноставно сакаат да имаат секс, а биолозите требало да го предвидат тоа. Кога Дарвин ја развивал својата теорија за природна селекција, најмногу го инспирирало тоа што животните имаат многу повеќе потомци отколку што им се потребни (а тоа се реално 2). Очигледно е дека оваа „вградена“ потреба за размножување би резултирала со голема потреба за секс, па макар и со истиот пол.

Можно е никогаш да не сретнеме животно кое е стриктно хомосексуално, како луѓето. Но можно е да се среќаваме со уште повеќе животни кои не припаѓаат на традиционалната категорија на сексуална ориентација и го користат сексот едноставно за да ги задоволат сите видови на потреби.

Поддржете ја нашата работа: