Зошто го бие лош глас? Што би требало да знаеме за литиумот

Литиумот сè уште е една од главните суровини на иднината, но често пати го  следат контроверзи – зошто?

Главниот двигател на растот на пазарот на литиум во последните години е употребата на овој метал во батериите на електричните возила. Интересот за оваа нова важна суровина се пројави низ целиот свет, а производството рапидно порасна. До почетокот на 2018 година и неговата цена континуирано растеше. Сега таа е намалена, дури и преполовена од врвот што го достигна во март 2018 година.

Поради хиперпродукција и намалени цени, неколку компании за ископ на литиум ги одложија плановите за проширување на капацитетите, а поновите рударски погони во Австралија и Канада целосно го прекинаа производството.

Според податоците, светското производство на литиум, во 2020 година е намалено за пет проценти во однос на 2019 година. Од 86.000 тони до 82.000. А, глобалната потрошувачка на литиум во 2020 година се проценува на 56.000 тони, приближно исто како и во 2019 година. Во текот на првата половина на 2020 година, пандемијата на Ковид беше значаен фактор за намалување на побарувачката, но во втората половина, побарувачката малку закрепна.

Цените на литиум карбонат и литиум хидроксид во Кина паднаа од околу 7.100 долари за тон на почетокот на годината на околу 6.200 долари за тон во ноември, од 7.800 на околу 7.000 долари. Цените на металите на литиум (99,9 отсто од литиумот) во Кина паднаа од приближно 83.000 долари на околу 71.000 долари за тон во истиот период.

Во моментов има неколку причини за падот на цените: Австралија (најголемиот произведувач во светот) отвори многу рудници за краток временски период и наеднаш произведе многу повеќе литиум. Од друга страна, побарувачката за литиум е намалена, особено во Кина, најважниот пазар. Кина, на пример, ги намали субвенциите за електрични автомобили.

Валкана технологија

Сепак, постојат и други причини за намалување на „литиумската треска“. Во голема мера, доминантната валкана технологија се покажува штетна за локалната или регионалната природна средина, како и за човечките општества.

Литиумот има лоша репутација. И тоа не е добро за бизнис.

Компаниите колку и да се обидуваат да ја поправат лошата слика поврзана со експлоатацијата и производството на литиум – лошо им оди. Затоа што невладините будно ги следат настаните и се добро поврзани низ светот. Информациите за штети, несреќи, корупција, скандали, судски процеси – брзо се шират. Луѓето протестираат против постоечките и идните рудници и постројки, при што вршат притисок врз политиката.

А, купувачот на електричен автомобил во Германија сѐ повеќе почнива да го интересира како е направен неговиот автомобил, воопшто – и дали батериите во него придонеле за уништување на природата, исто како што се интересира дали некоја жена во Бангладеш сошила маица за оскудна плата, дали тепихот бил исткаен од детски раце во Индија. Нешто такво, не сака да купува.

„Иако производството на батерии би можело да се пренесе во ЕУ, голем дел од суровината сепак ќе доаѓа од трети земји. Дискусиите за транспарентноста на синџирот на снабдување ќе станат уште поважни во иднина“, се вели во студија за германското Министерство за наука и образование.

Според студијата, литиумот во моментов првенствено се добива од два многу различни извори: од подземни солени езера во таканаречениот литиумски триаголник во Јужна Америка и од рудници во Австралија. Овие два начина на производство се многу различни во однос на можното влијание врз животната средина.

Солени езера

Во фабриката за производство на литиум во пустината Атакама, солената подземна вода се испумпува на површината, а потоа се истура во големи надворешни базени – водата испарува, а солта останува на дното. Тоа трае неколку месеци и во голема мера зависи од временските услови.

Кога ќе се постигне доволно висока концентрација на литиум со испарување, следува хемиски третман. Бидејќи областите каде што се произведува литиум на овој начин се генерално многу суви, последиците можат да бидат многу сериозни – водата исчезнува од подземните резервоари, што дополнително ја суши почвата. И не треба да се занемари ризикот од уривање на области под кои се формирани огромни дупки – особено таму каде што и онака има чести земјотреси, како што е случајот со Чиле.

Рудници за литиум

Покрај уништувањето на пределот со ископување руда и предизвикување типично загадување со прашина што содржи силикон и бучава – најкритичниот дел од процесот на производство на литиум од рудата е концентрирање и екстракција на литиум кога се додаваат киселини, а потоа останува отпадна вода, отровна згура. Тие се чуваат во базени кои можат да истечат или да пукнат – а отровот влегува во подземните води и реките.

Истражувачите од Технолошкиот институт Карлоу во Ирска, исто така, потврдуваат дека екстракцијата на литиум може да има значителни еколошки и социјални ефекти доколку не е соодветно регулирана, следена и контролирана. Според нив, главни проблеми се загадувањето на водата и воздухот со отровни хемикалии.

Најголемите добавувачи на литиум

Најголем дел од светскиот литиум моментално се ископува во пет рудници во Австралија, потоа Аргентина и Чиле, кои имаат по две подземни станици за третман на солена вода, како и две такви постројки и еден рудник во Кина.

Се проценува дека литиумот е најкористен во светот за батерии 71 отсто, потоа керамиката и стаклото 14 отсто, маснотиите за подмачкување 4 отсто, а потоа следат други намени.

За да може да се користи за батерии, литиумот од солените езера или рудниците мора да се збогати – во сложени хемиски процеси. Овој дел од процесот ретко се изведува во земјите каде што се екстрахира литиум, но речиси исклучиво во Кина.

Светски ресурси

Благодарение на континуираното истражување, идентификуваните ресурси на литиум значително се зголемија ширум светот и сега се проценуваат на вкупно околу 86 милиони тони. Во моментов списокот изгледа вака (извор UGSS):

1. Боливија – 21 милион тони
2. Аргентина – 19,3 милиони тони
3. Чиле – 9,6 милиони тони
4. Соединети Американски Држави – 7,9 милиони тони
5. Австралија – 6,4 милиони тони
6. Кина – 5,1 милиони тони
7. Конго (Киншаса) -3 милиони тони
8. Канада – 2,9 милиони тони
9. Германија – 2,7 милиони тони
10. Мексико – 1,7 милиони тони
11. Чешка -1,3 милиони тони
12. Србија -1,2 милиони тони
13: Перу – 880.000 тони
14. Мали – 700.000 тони
15. Зимбабве – 500.000 тони
16. Бразил – 470.000 тони
17. Шпанија – 300.000 тони
18. Португалија – 270.000 тони
19. Гана – 90.000 тони
20. Австрија, Финска, Казахстан и Намибија – по 50.000 тони.

Најголемите наоѓалишта на литиум во Европа се наоѓаат во Германија, според други податоци тие се дури и многу пати поголеми од овие, а потоа следат Чешка и Србија.

Податоците што се користат во оваа статија се засноваат на тековниот Светски геолошки институт на Геолошкиот институт на Соединетите држави (USGS) (страници 98-99).

Има доволно литиум во светот. Она што сега се бара се технологии за економично и еколошки производство – или алтернативи, како што е натриумот.

Поддржете ја нашата работа: