Кога сме во 20-тите години од животот главното внимание го посветуваме на завршување на образованието и вработување, па често го запоставуваме нашето здравје. Или ни се чини дека тоа не е нешто за што треба да се грижиме, бидејќи сме млади.
Но, грижата за здравјето во овие години е од исклучителна важност и ќе влијае на годините подоцна во животот. Еве 10 навики на кои би требало да им посветите посебно внимание сега (или потполно да се ослободите ), затоа што после 30 –тата или 40-тата година нема многу да ви вредат.
1. Пушење цигари
Иако има млади луѓе кои пушат само „за друштво“, сепак, оваа навика може да доведе до долгорочни здравствени проблеми – белодробни и срцеви заболувања, рак. Покрај тоа, пушењето уште повеќе ќе го забрза стареењето, кога ќе се појават првите брчки и бели влакна. Многу луѓе како алтернатива ги користат е-цигарите, но долгорочните ефекти од нивното користење во моментов не се познати. Затоа, направете си себеси услуга, оставете ги цигарите, па дури и ако се работи „за по некоја во друштво“.
2. Премногу сончање
Одењето со пријателите на плажа е прекрасна работа. За жал, кумулативните ефекти од сончањето врз вашето тело може да претставуваат голема опасност. Дефинитивно од сонцето ќе добиете повеќе брчки и старечки дамки на лицето и телото. Појавата на рак на кожата е поврзана со честото изложување на сонце (или одење во солариум), па затоа обевезно заштитете ја кожата со средства за сончање (со најмалку фактор 15), па забавувајте се на плажа. За оние кои се загрижени за токсините во средствата за сончање, на пазарот може да се најдат се повеќе природни и органски средства за сончање.
3. Прекумерно пиење алкохол
Можеби ви звучи во ред „ако пиете само за викенд“. За жал, вашиот црн дроб не се чувствува така. Кога прекумерно пиете во петок и сабота навечер (повеќе од три пијачки за жени и пет за мажи), црниот дроб работи прекумерно и не е во состојба да ја врши функцијата за која е неменет – да го детоксицира телото, па со годините се оштетува. Запомнете, имате само еден црн дроб, затоа добро грижете се за него – намалете го пиењето.
4. Незаштитен секс
Една ноќ секс без заштита може да ви создаде проблеми за цел живот. Звучи сурово, но потсетете се само на некои од болестите што демнат – хепатитис Ц, ХИВ, сексуално преносливи болести. Можеби во моментот ќе ви се чини дека не е страшно да имате само еднаш секс без заштита, но имате долг живот пред себе, а некои од овие болести остануваат засекогаш, дополнително отежнувајќи ви го животот. Затоа, заштитете се.
5. Недоволно спиење
Младите луѓе можат долго време да издржат со малку сон и тоа да не влијае многу на нив. Но, недоволното спиење го нарушува имунолошкиот систем и функцијата на мозокот, затоа со време воспоставете здрави навики за спиење. Тоа ќе ви помогне да ги превенирате болестите понатака во животот.
6. Недоволна физичка активност
Веќе е докажано дека седечкиот начин на живот е предуслов за појава на дијабетес, висок крвен притисок и срцеви заболувања. Редовното вежбање уште од 20-тите години од животот ќе ви помогне да го зачувате здравјето на вашето срце. За почеток се добри 30 минутни кардиоваскуларни вежби (брзо одење или џогинг).
7. Не дозволувајте стресот да преовладува во вашиот живот
Ако научите на здрав начин да го редуцирате стресот, тоа ќе ви биде од голема корист понатаму во животот, со оглед на тоа дека хроничниот стрес се поврзува со појавата анксиозност, депресија, дигестивни и други болести. Стресот може да го менаџирате со помош на јога, медитација или со техниките на дишење. Стрес ќе има низ целиот живот, но ако научите како да се справувате со него, тоа ќе направи голема разлика во вашиот понатамошен живот.
8. Не избегнувајте посета на доктор
Зошто би требало здрав млад човек да оди на доктор? Ако во младоста создадете навика да правите рутински прегледи, проверка на крвта и евентуално ЕКГ, ќе ви помогне да спречите појава на посериозни здравствени проблеми во понатамошниот живот. Значи вреди!
9. Брза храна
Кога се живее брзо, едноставно е полесно и да се изеде нешто набрзина. За жал, брзата храна е богата со заситени масти кои создаваат наслаги од холестерол во крвните садови, додека грицките се полни со адитиви и други штетни (понекогаш и токсични) состојки. Затоа, ако ја игнорирате здравата исхрана од раните години на живот, со сигурност ќе си обезбедите билет за срцеви заболувања во иднината. Овошјето, зеленчукот и протеините се секако клучот за добро здравје.
10. Знаете сѐ
Која е опасноста – кога „знаете сѐ“. Проблемот е што не знаете. Никој не знае сѐ. Младите луѓе, кои се добро образовани, добро информирани и мотивирани, мислат дека знаат што е најдобро во секоја ситуација. Родителите, учителите или шефовите, ќе им го отстапат местото на младите, независни 20 – и нешто годишници да го пробиваат патот напред. Секоја чест за тоа, но имајте ги на ум и другите кои пред вас го пробивале патот – можеби имаат некој корисен совет за вас. Како што одминува животот, сите имаме потреба да учиме едни од други, затоа ова е одлична навика што би требало да ја усвоите.