4 најчудни ментални нарушувања

Во последниве години, истражувачите постигнаа значителен напредок во дијагностицирањето и третирањето на менталните нарушувања и покажаа дека состојбите како депресија, биполарно растројство и шизофренија може да имаат биолошки причини и последици. За жал, многу ментални болести се’ уште не се доволно разбрани и истражени.

Издвојуваме четири ретки и чудни ментални нарушувања за кои можеби и воопшто не сте слушнале:

 

 

 

 

 

 

 

1. Синдром Капгра

1Овој синдром се карактеризира со халуцинации, односно верување дека некој близок – пријател, роднина, сопруг или сопруга, па дури и милениче, е заменет со некој натрапник кој изгледа идентично. Халуцинациите може да се однесуваат само на едно лице или пак на повеќе, и тоа може да се одвива хронично, односно постојано или пак во привремени епизоди.

Еден случај од 1991 години опишува 74-годишна жена која верувала дека нејзиниот маж е заменет со друг маж. Таа одбивала да спие со него, ја заклучувала вратата навечер и дури побарала пиштол од сопствениот син за да се заштити од натрапникот. Ова се случувало само со нејзиниот маж, додека другите членови од семејството ги распознавала без проблем.

Докторите користеле неколку документирани случаи на овој синдром за да ги истражат можните третмани и причини за таквата заблуда, но досега немаат соодветни одговори. Некои сметаат дека се работи за едноставно нефункционирање на процесите за препознавање во мозокот поради штета предизвикана од мозочен удар, преголема доза на дрога или некој надворешен фактор. Други сметаат дека проблемот лежи во потсвесниот емоционален одговор на познатите лица.

Оваа состојба може да се јави истовремено со други ментални нарушувања, најчесто со шизофренијата, и често се појавува кај лица со невродегенеративни заболувања.

2. Аутофагија

2Иако оваа состојба не е конкретно категоризирана во Дијагностичкиот и статистичкиот прирачник за ментални нарушувања, може да се класифицира како генерален импулсивен проблем со контролата, односно неможност да се контролира поривот да се направи нешто што е штетно за себеси или за другите. Во случајов, јадење на сопственото тело.

Еден пример за ова нарушување е 66-годишен маж кој бил хоспитализиран бидејќи се жалел дека има несоница, која постепено довела до самоосакатување. Процесот започнал како едноставно грицкање на нокти кое постепено преминало во гризење на прстите, што резултирало со губење на терминалните фаланги (коски) на сите прсти на двете раце.

3. Синдром Котар

3Овој синдром уште познат и како синдром на жив мртовец е ретка состојба на халуцинација каде што лицето верува дека е мртво. Во некои варијации, луѓето веруваат дека тие не постојат или пак дека ја изгубиле крвта или органите.

Францускиот невролог Жил Котар, по кој и овој синдром го добил името, го третирал првиот документиран пациент кој не јадел и не гледал поента во тоа бидејќи немал органи и бил „вечно проколнат“. Пациентот починал од глад.

Можните причини за овој синдром се протегаат од несакани реакции на дрога до нервни пореметувања во амигдалата. Неколку случаи се успешно третирани со лекови и електроконвулзивна терапија, а кај некои симптомиите едноставно исчезнале сами по себе.

4. Нарушување на идентитетот и интегритетот на телото

4Ова нарушување претставува неподносливо верување на лицето дека некој дел од телото не му припаѓа и потреба да се отстрани, односно потреба на некој начин да се биде хендикепиран. Така на пример, едно сосема здраво лице може да посака да му биде ампутирана ногата бидејќи чувствува како да не му припаѓа.

Експерите го опишуваат ова како несовпаѓање на менталната слика за телото и физичкото тело. Исто како и за претходните нарушувања, тие не се сигурни што го предизвикува и зошто се манифестира на различен начин кај различни луѓе. И исто како и претходните нарушување, и ова е премногу ретко за да го добие потребното внимание и средства за истражување.

Поддржете ја нашата работа: