Во моментов, со помош на 3Д печатењето се создаваат предмети од различни материјали како пластика, керамика, стакло, метал, па дури и од необични состојки како чоколада и „живи клетки“. Овие машини работат така што поставуваат слоеви од материјал, исто како што обичните печатари го поставуваат мастилото, со таа разлика што 3Д печетарите можат да ги поставуваат слоевите еден над друг, со што се создаваат 3Д предмети.
Истражувачите од „МИТ“ со 4Д печатењето успееа да направат 3Д испечатени предмети кои се дизајнирани да ја менуваат формата откако ќе се испечатат. Во извештајот објавен во електронското издание на списанието „Scientific Reports“, тие објаснуваат како ги печатат 3Д структурите. Користат два материјали со различни својства. Едниот материјал е крута пластика која ја задржува цврстината, додека другиот е материјал кој апсорбира вода. Овој апсорбент го произведува компанијата „Stratasys“ од “Eden Prairie“ во Минесота и неговата точна формула е тајна.
Истражувачите отпечетиле квадратна мрежа со димензија на страните од 38 см. Кога ја потопиле во вода, откриле дека апсорбентот делува како врска што се растегнува и превиткува, што овозможува да се добијат различни геометриски форми. На пример, тие отпечатиле 3Д форма која изгледа како иницијалите на „МИТ“, која може да се трансформира во друга форма која изгледа како иницијалите на „САЛ“.
„Во иднина оваа техника би можела да има огромна примена. Може да се примени кај апаратите за домаќинство за да се подобри нивната функционалност, кај производите за деца кои можат да реагираат на влага и температура, како и за облека и обувки кои подобро ќе се прилагодуваат на промените на средината, велат истражувачите.
Покрај ова, 4Д печатењето, може да води до создавање на нови медицински импланти.
„Денеска се печатат биокомпатибилни делови кои се имплантират во телото, но сега може да направиме структури што ќе ја менуваат формата и функционалноста без да мора да се интервенира однадвор. Една од можеби клучните примени во медицината е кај стентовите (цевчињата што како помош во лекувањето се ставаат во срцето). Би сакале да печатиме делови кои би останале во телото и доживотно, ако е тоа неопходно“, додаваат истражувачите.