5 егзопланети кои се најслични на Земјата

Многу од тврдењата за планетите погодни за живот се претерани. Егзопланетата „GJ1132b“ само што беше прогласена како „веројатно најважната планета што досега е откриена надвор од Сончевиот систем“ од проектот „MEarth project“. Но, иако е најблиската егзопланета досега откриена, тешко дека е слична на Земјата, со оглед на тоа дека се наоѓа блиску до својата матична ѕвезда и има изгор температура на нејзината површина од неколку стотици степени Целзиусови. Исто така, и планетите „Tau Ceti e“ и „Kepler 186f“ се сметаа за „близначки“ на Земјата, но всушност постојат многу други егзопланети што се многу послични на Земјата.

Добар начин за да се пресмета колку некоја планета е погодна за живот е преку „Индексот за сличност со Земјата“ (Earth Similarity Index). Овој број се пресметува од радиусот на егзопланетата, густината, температурата на површината и од брзината на ослободување, односно од минималната брзина што е потребна да се напушти гравитационото поле на планетата. За многу од егзопланетите не постојат сите овие мерења, па затоа за некои од нив проценката се врши врз основа на достапните податоци.

Овој индекс се движи од 0 до 1, а секоја планета што има индекс на сличност над 0,8 може да се смета за „слична на Земјата“. Во нашиот Сончев систем, Марс има индекс од 0,64 (исто како „Кepler 186f“), додека Венера има 0,78 (исто како „Tau Ceti e“).

Ова се петте кандидати кои би можеле да се сметаат за „близначки“ на Земјата, според вредноста на нивниот индекс:

Kepler 438b

„Kepler 438b“ има највисок индекс на сличност од сите познати егзопланети, кој изнесува 0,88. Планетата е откриена во 2015 година и има радиус кој е само 12 проценти поголем од Земјата. Орбитира околу ѕвезда што е оддалечена 470 светлосни години од Земјата, секои 35 дена. Се наоѓа во хабитабилна зона, односно регион околу ѕвездата кој не е ни многу топол, ни многу ладен.

Масата на планетата не е измерена, но ако нејзиниот состав е карпест, таа би можела да биде само 1,4 пати поголема од Земјата и со температура на површината помеѓу 0 и 60 степени Целзиусови. Сепак, овој индекс не е најсигурна метода за одредување на сличноста со Земјата. Неодамна беше откриено дека матичната ѕвезда на „Кepler 438b“ редовно исфрла моќни зрачења, што сепак ја прави оваа планета не така погодна за живот.

Gliese 667Cc

„Gliese 667Cc“ ( со индекс 0,85) е откриена во 2011 година. Орбитира околу ѕвезда црвено џуџе во тројниот ѕвезден систем „Gliese 667“, на оддалеченост од само 24 светлосни години. Откриена е преку методата на радијална брзина, што претставува мерење на малите движења што ги прави ѕвездата како реакција на гравитацијата на планетата, затоа што планетата не поминува пред ѕвездата, што би овозможило да се измери нејзиниот радиус. Планетата има орбитален период од 28 дена и се наоѓа во хабитабилната зона, со можна температура на површината од 5 степени Целзиусови.

Kepler 442b

„Kepler 442b“ (со индекс 0,84) е планета со радиус 1,3 пати поголем од Земјата, откриена во 2015 година. Орбитира околу ѕвезда што е поладна од Сонцето, на оддалеченост од 1.100 светлосни години од Земјата. Има орбитален период од 112 дена, што ја прави погодна за живот во својот ѕвезден систем, но со температура на површината која достигнува до -40 степени Целзиусови. Сепак за споредба, температурата на Марс во близина на половите може да изнесува до -125 степени Целзиусови во зима. И масата на оваа егзопланета не е позната, но ако се работи за карпест состав, би можела да биде  само 2,3 пати поголема од масата на Земјата.

Kepler 62e & Kepler 62f

Овие две планети (со индекс 0,83 и 0,67) се откриени во 2015 година со телескопот Кеплер, со кој е забележано дека поминуваат пред матичната ѕвезда. Ова ѕвезда која се наоѓа на оддалеченост од 1.200 светлосни години е малку поладна од Сонцето. Радиусите на планетите се 1,6 и 1,4 пати поголеми од Земјата. Имаат орбитални периоди од 122 и 267 дена. Како и на многу други планети откриени од телескопот Кеплер, масата и на овие планети не е измерена, но се проценува дека масата на секоја од нив е 30 пати поголема од масата на Земјата. Температурата и кај двете планети би можела да овозможи постоење на течна вода на површината, во зависност од нивниот атмосферски состав.

Kepler 452b

„Kepler 452b“ (со индекс 0,83) е откриена во 2015 година и е првата планета – потенцијално слична на Земјата, која орбитира во хабитабилната зона на ѕвезда слична на нашето Сонце. Радиусот на планетата е 1,6 пати поголем од радиусот на Земјата. Орбитира за 385 дена околу својата матична ѕвезда која е оддалечена 1.400 светлосни години. Масата на планетата е тешко да се измери, но предвидувањата се дека е најмалку пет пати поголема од масата на Земјата, а се проценува дека температурата на површината изнесува помеѓу -20 и + 10 степени Целзиусови.

Како што може да се види, дури и планетата која е најслична на Земјата не може да поддржи живот поради активноста на нивната матична ѕвезда, која може да биде многу различна од нашето Сонце. Други пак имаат температура која преминува во екстреми. Но, со оглед на тоа дека се откриваат многу нови планети, не е исклучено во следната деценија да се открие планета што навистина има слична маса и големина како и Земјата и која орбитира околу ѕвезда слична на нашето Сонце. Ако не, вселенскиот телескоп „Plato“ на Европската вселенска агенцинција, кој е планирано да се лансира во 2024 година, ќе има добри шанси за тоа.

Статијата е објавена во „The Conversation“.

[td_smart_list_end]

Поддржете ја нашата работа: