Секоја хируршка интервенција носи одреден ризик, па разбирливо е зошто луѓето се нервозни кога треба да одат „под нож“. Сепак, некои од операциите се особено ризични, со оглед на сензитивноста на органот на кој се врши интервенцијата или сложеноста на самата процедура.
Генерално, секоја процедура која се смета за „инвазивна“, може да биде ризична. Тука, меѓу другото спаѓа и се’ што вклучува инцизии на кожата, анестезија, биопсија или ендоскопија (на пример коланоскопија или бронхоскопија). Во најкомплицираните операции спаѓаат следните:
- Операција на отворено срце
Операција на отворено срце подразбира интервенција каде се отвора градниот кош и хирургот врши хируршки зафат на мускулот, крвните садови или валвулите на срцето. Една од најчестите операции на отворено срце е коронарниот артериски бајпас, кога се врши прицврстување на здрав крвен сад од телото на пациентот на запушената коронарна артерија, со што практично се заобиколува блокадата и се овозможува нормален проток на крв во срцето. Интервенцијата се изведува под општа анстезија, се прави отвор на градите од околу 20 см, а потоа се сече градната коска.
При ваква операција, пациентот е изложен на ризик од инфекција на раната на градите, што е особено опасна и поверојатна кај луѓе со зголемена телесна тежина и дијабетичари. Пациентот, исто така може да доживее срцев или мозочен удар, неправилна работа на срцето, откажување на работата на бубрезите или белите дробови, крварења, како и потешкотии во дишењето.
- Трансплантација на црн дроб
Црниот дроб е исклучително важен орган кој меѓудругото го детоксицира организмот. Иако трансплантацијата на црн дроб е релативно честа процедура, ризикот при овие интервенции сѐ уште е многу висок. Шансите организмот да го отфрли новиот орган се прилично високи, па затоа пациентите најчесто треба да земаат лекарства во текот на целиот живот за да го спречат тоа. Покрај ова можни се други компликации како запушување на крвните садови на новиот црн дроб, истекување на жолчка или блокирани жолчни патишта, како и почетни проблеми во функцијата на новиот орган.
- Трансплантација на црева
Доколку цревата престанат да ги апсорбираат хранливите материи, електролитите и течностите, тоа значи дека откажала нивната функција. Иако пациентите кај кои откажала функцијата на цревата можат да ги добијат потребните хранливи материи преку инфузија, тоа сепак носи одредени животно загрозувачки ризици, како што се заболување на црниот дроб, инфекции, па дури и болести на коските. За да се избегнат несканите ефекти од ваквиот начин на исхрана, многу доктори предлагаат целосна трансплантација на цревата. Во светотот постојат само мал број на медицински центри кои вршат комплетна трансплантација на црева, бидејќи се работи за исклучително комплицирана процедура што бара голема вештина. Како и кај сите трансплантации и тука постои ризик од отфрлање и инфекции.
- Операциите на канцер
Операцијата на канцерот претставува хируршка интервенција кога се отстрануваат тумори, во различни делови од телото, со надеж дека потполно ќе се уништи ракот кај пациентот. Понекогаш е потребно да се отстранат делови или цели органи, како на пример отстранување на дојките (мастектомија) кај ракот на дојка, или белодробно крило кај ракот на белите дробови. Покрај другите ризици од операцијата, отстранувањето на органи или делови од органи доведува до ризик од можни инфекции, силни болки, губиток на функцијата на органите, крварења, крвни згрутчувања и се разбира, ризик од повторна појава на ракот.
- Операција на мозок
Без сомнение секој вид на хируршка интервенција во мозокот спаѓа во најризичните. Секоја хируршка интервенција во мозокот е пропратена со можни ризици од инфекција, крварења во мозокот, крвни згрутчувања, оток на мозокот, грчеви, па дури и пневмонија.