Со проучување на шемите на однесување на резус мајмуните, истражувачка група на д-р Нед Калин од Универзитетот во Висконсин-Медисон открила покачени нивоа на активност во одредени области на мозокот, кои се наследувале од генерација на генерација, а се основа за развој на анксиозност и депресија во иднина.
Суштинското откритие е дека можеби се работи за метаболизмот на мозокот, а не структурата, кој ги дефинира односите меѓу генетиката и ризикот во детството за развој на болести поврзани со стрес.
Да се вратиме чекор наназад. Според проценката на Светската здравствена организација, стотици милиони луѓе страдаат од одреден степен на попреченост поради вознемиреност и депресија. Претходните истражувања обезбедија докази дека анксиозниот темперамент може да се наследи и истиот е значаен ризик фактор за развој на анксиозност, депресија, злоупотреба на супстанции и подоцна во животот. Како можеме да ги искористиме овие информации? Се разгледува можноста за рана интервенција, или едукација на пациентот. Пациентите кои знаат дека имаат поголем ризик за развој на рак на дојка, на пример, се со поголема веројатност да бараат редовни лекарски прегледи и да продолжат со инвестирање во нивното здравје. Слично на тоа, ако пациентите знаат дека се со поголема веројатност да развијат анксиозни растројства можеби и тие ќе се чувствуваат мотивирани да преземат нешто пред појавата на симптоми, советување или намалување на дневните нивоа на стрес. За среќа, многу лица веќе го прават тоа.
Назад кон науката.
Специфичните структури во мозокот кои се вклучени во посредувањето на вродениот ризик за овие заболувања се недоволно разбрани. Наодите од истражувањата на Калин, сепак, се голем чекор напред.
Истражувачите проучувале речиси 600 индивидуални резус мајмуни кои припаѓале на повеќе генерациски семејства. Со користење на врвни техники за снимање на мозокот, се покажало дека мозочниот метаболизам, широко прифатена мерка на мозочната активност, во специфични области на мозокот може да е одговорен за значителен дел од наследениот ризик за развој на екстремна вознемиреност/анксиозност и анксиозен темперамент, забележителен уште во детството.
Истражувачите ги изложиле младите мајмуни на ситуација која предизвикува блага анкциозност, како што е изложеност на странец, без контакт со очите. За време на средбата, истражувачкиот тим го снимал мозокот на младите мајмуни и сфатил дека индивидуалните разлики во анксиозноста поврзани со функцијата на мозокот може делумно да се објаснат со семејното стебло. Еден млад мајмун е поверојатно да доживее поголема анкциозност и да покаже поголема мозочна активност во одредени нервни патишта, ако имал семејна историја на анксиозност.
Истражувачите заклучиле дека функцијата на мозокот во префронталното, лимбичко, средномозочно коло ја има главната улога за наследноста на анксиозност во раните години од животот. Ова коло е одговорно за многу различни функции на човечките емоции и дејства. Поточно, посебно е активно во процесот за оценување на потенцијално опасни информации за иницирање и донесување одговори поврзани со анкциозност.
Третманот на психијатриски состојби е предизвик, на начин кој се разликува од многу други медицински состојби. Истражувања, како ова на д-р. Калин се императив доколу сакаме да понудиме подобрување на третманот и подобри опции за милиони луѓе кои страдаат од поразувачкиот товар на анксиозноста и депресијата.