Антиоксидансите се состојки кои можат да ги неутрализираат слободните радикали, кои ги напаѓаат нашите клетки и ДНК. Со неутрализација на слободните радикали, антиоксидансите можат да превенираат или да успорат некои видови на оштетувања на клетките. Антиоксидансите, природно се составен дел на многу видови на храна, особено на овошјето и зеленчукот, но можат и да се земаат како суплементи.
Со цел да откријат какви се ефектите на антиоксидансите врз клетките од ракот, истражувачите од Универзитетот Саутвестерн, им ги давале овие компоненти на глувци, на кои им биле имплантирани клетки од меланом, земени од пациент заболен од овој вид на рак. Истражувачите забележале дека ракот се проширил побрзо кај глувците кои добиле антиоксиданси, во споредба со глувите кои не добиле. Со оглед на тоа дека ширењето на ракот, или уште познато како метастазирање, е главна причина за смрт кај повеќето пациенти заболени од рак, ова откритие е од големо значење. Овие резултати исто така, директно им противречат на претходните истражувања кои велат дека поголемо ниво на антиоксиданси ги превенира оштетувањата на клетките кои се поврзани со развојот на канцер.
Според истражувачите, овие наоди би требало да им послужат на докторите да ги ревидираат препораките во врска со исхраната што им ги даваат на пациентите заболени од рак.
Ова не е прво истражување што ја покажува врската помеѓу антиоксидансите и зголеменото ширење на ракот. Едно истражување од 1994 година, објавено во „The New England Journal of Medicine“ покажало повисока инциденција на рак на бели дробови кај мажи кои ги земеле антиоксидансите витамин Е и бета-каротен. Истражувањето, објавено една година подоцна во „Science Translational Medicine“, покажало дека земањето на високи дози на антиоксиданси, како што е витаминот Е, може всушност да ја забрза прогресијата на ракот на бели дробови кај пушачи и кај пациенти од други ризични групи.
„Клетките од ракот имаат поголема корист од антиоксидансите отколку нормалните клетки“- вели д-р. Шон Морисон, водачот на истражувањето.
Врз основа на истражувањето, д-р.Морисон сугерира дека прооксиданси, состојки што ја промовираат, а не ја инхибираат оксидацијата, би биле покорисни за пациентите заболени од рак.
Сепак, ова не значи дека антиоксидансите треба да се тргнат од исхраната. Здравите луѓе, тие што не боледуваат од рак, секако ќе имаат корист од нив во борбата против гојазноста или за заштита на нивниот вид, без да се грижат за несаканите дејства.
Исто така постојат огромен број научни студии на исто толку голем број на субстанци кои се класифицирани како антиоксиданси а влијаат позитивно во борбата против ракот и тоа можеби преку механизми кои не се поврзани со нивната антиоксидантна активност. Поради ова секој заинтересиран на оваа тема треба добро да ја проучи научната литература пред да донесува генерален заклучок. Повеќето релевантни научни студии може да се пребаруваат на интернет страната PUBMED.