Научниците открија докази кои сугерираат дека спектарот на аутистични нарушувања, кој се карактеризира со социјална неспособност, повторливо однесување и абнормални реакции на сензорните дразби, не е резултат само на дефекти во развојот на мозокот – нешто за што научниците со години размислуваа.
Според научниците, некои ефекти на аутизмот го надминуваат мозокот и би можеле да влијаат на периферните нерви кои испраќаат сензорни информации од екстремитетите до мозокот. Ова значи дека и други делови од нервниот систем, покрај мозокот, би можеле делумно да бидат одговорни за начинот на кој лицата со аутизам ги доживуваат и реагираат на стимулите.
Новото истражување, предводено од Дејвид Гинти од Медицинскиот факултет на Харвард, било спроведено на глувци и разгледувало неколку генетски мутации кои најчесто се наоѓаат кај лицата со аутизам.
Две од тие генетски варијанти влијаат на гените „Mecp2“ и „Gabrb3“ за кои е познато дека влијаат на синаптичката функција во мозокот, што значи дека се од суштинско значење за комуникацијата на невроните. Научниците забележале дека глувците со овие генетски мутации го доживувале чувството за допир на сосема различен начин од останатите глувци.
Потоа, научниците испитувале како овие гени влијаат на социјалните интеракции на тој начин што ги споиле глувците со генетските мутации и обичните глувци и откриле дека глувците со генетски мутации покажуваат знаци на зголемена вознемиреност, што научниците сметаат дека може да потекнува од изменетото чувство за допир.
Овие откритија сугерираат дека всушност генетските мутации може да се оние кои прават лицата со аутизам да го чувствуваат и доживуваат светот на поинаков начин.
За полесно да го разберете ова, замислете дека нашето чувство за допир има копче за јачина на звукот. Кај повеќето од нас, ова копче е подесено на 5, на пример, додека кај лицата со аутизам може да достигне 10 со што секојдневните активности се зголемени до точка на хаос. Научниците всушност велат дека ова копче го контролираат гените, а не мозокот.
Важно е да истакнеме дека ова истражување е направено само на глувци, па треба да се повтори и кај луѓето за да има некакво значење за идните третмани на оваа состојба која научниците се’ уште не ја разбираат доволно.
Истражувањето е објавено во „Cell“.