Компанијата Ербас во средата поднесе апликација за втор патент за авион кој од Лондон до Њујорк ќе лета за помалку од еден час – објави „Patent Yogi“.
Патентот вклучува ракетен мотор кој ќе му овозможи на авионот да патува со брзина четири пати поголема од брзината на звукот. Тоа значи дека летот преку Атлантикот ќе трае пократко од времето потребно да се направи обиколка на Лондон со автобус.
Ербас ги објави првите планови за суперсоничен авион во јули годинава, но се чини дека компанијата направила големи подобрувања на првичниот план, бидејќи двете верзии видно се разликуваат.
Ова е графиката од оригиналниот дизајн од јули, кој изгледа многу различно од класичните патнички авиони.
А еве како изгледа новиот дизајн на сликите од патентот, кој изгледа многу потрадиционално.
Компанијата го опишува авионот како „вселенско летало што може да полета од земјата на вообичениот начин, да достигне висина од најмалку 100 километри, да лета со транссонична, па дури и со суперсонична брзина и да слета на вообичаениот начин како другите авиони“.
Авионот ќе има огромен ракетен мотор на задниот дел од трупот со два турбомлазни мотори поставени од страните. Турбомлазните мотори би требало да го кренат авионот до одредена висина, пред да се вклучи ракетниот мотор кој вертикално ќе го подигне авионот до конечната височина.
Првото вклучување на ракетниот мотор ќе предизвика огромен суперсоничен бум, кој ќе предизвика големо повлекување на авионот, кое според Ербас ќе се спречи со анти-влечните крила.
Кога беше прикажан првиот дизајн во јули, компанијата соопшти дека авионот ќе може да се користи и за цивилни и за воени цели. Во цивилни цели може да служи како приватен авион или како патнички авион со простор за 20 патници. Во воени цели, авионот би се користел за транспорт на војници или како извиднички авион.
„Patent Yogi“ направи извонредно видео кое покажува како би можело да изгледа леталото на Ербас, ако воопшто се произведе.
Ербас, како и многу други технолошки компании поднесуваат барање за стотици патенти годишно за да ја заштитат својата интелектуална сопственост. Тоа не значи дека сите идеи ќе се реализираат. Голем број од патентите остануваат само на хартија, но овој пат, фактот дека компанијата поднела два одделни патенти за ист уред укажува дека можеби сериозно се размислува да се направи суперсоничен авион во текот на следниве години.
Целата апликација може да се види на веб сајтот на „Patent Yogi“, или може да го погледнете нивното видео подолу.