Бил Гејтс и Марк Цукерберг се здружија против климатските промени

На конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации која започна на 30 ноември 2015 година во Париз, Бил Гејтс објави мулти милијардерска иницијатива за финансирање на технологии за чиста енергија, со поддршка на речиси 30 моќни инвеститори кои се посветени на остварување на идеите за чиста енергија и намалување на трошоците за енергија, меѓу кои и креаторот на „Фејсбук“ Марк Цукерберк, извршниот директор на „Алибаба“ Џек Ма и основачот на групацијата „Вирџин Груп“ Ричард Брансон.

Оваа енергетска коалиција (Breakthrough Energy Coalition) обединува влади и универзитети, милијардерски претприемачи, менаџери на инвестициски фондови и технолошки извршни директори од целиот свет, кои ја признаваат потребата за огромната инвестиција која е потребна за да се заменат фосилните горива со поевтино одржливо производство на енергија.

Со оглед на фактот дека до 2050 година се очекува потрошувачката на енергија да се зголеми за 50%, ова се чини како идеалното време за да се преземат соодветни мерки.

„Оптимист сум и сметам дека може да ги создадеме соодветните алатки кои ни се потребни за да генерираме чист прифатлив и сигурен извор на енергија која ќе им го подобри животот на сиромашните и исто така ќе ги запре климатските промени“, вели Гејтс на својот блог. „Се надевам дека ќе ни се придружат уште повеќе влади и инвеститори“.

Тој вели дека примарната цел на коалицијата е подеднакво да го забрза процесот на производство на чиста енергија, да ги намали ефектите на климатските промени и да овозможи електрична енергија за 1 милијарда лица во светот кои живеат без неа, но се разбира и да оствари профит. Тоа може да значи дека одржливата енергија е на пат да стане една од најдобрите инвестиции. Средствата ќе бидат инвестирани во најперспективните иновации од истражувачките институции од целиот свет, со цел да се подобри ефикасноста на сегашните технологии за соларна енергија, ветерна енергија, хидроенергија и биогорива. Според „CNN“,  фокусот на новите технологии ќе се однесува на 5 клучни области: производство и складирање на електрична енергија, транспорт, индустриска употреба, земјоделство и ефикасност.

Истовремено, објавена е и уште една нова иницијатива (Mission Innovation) преку која 19 земји, вклучувајќи ги и САД, Кина и Индија, се обврзуваат да инвестираат двојно повеќе средства во истражувањата за одржлива енергија во текот на следните 5 години.

Гејтс објави свој труд во кој детално објаснува за инвестирањето во енергетиката и истиот може да го преземете тука.

[wpdm_package id=’19965′]

Поддржете ја нашата работа: