Новите истражувања покажуваат дека изложеноста на детето на микроорганизми влијае како ќе се развива неговиот имун систем и на појавата на алергии.
Во цревата односно во гастроинтестиналниот тракт постојат милијарди микроорганизми, или како што научниците често го нарекуваат, бактериски екосистем. Познато е дека овие микроорганизми играат важна улога за развојот на имуниот систем, а се смета дека придонесуваат за развојот на некои состојби како што е дебелината, автоимуните болести, циркулаторните пореметувања и детските алергии и инфекции.
„Со години е познато дека стерилната средина не е добра за бебињата. Ова истражување покажува и зошто. Изложеноста на овие микроорганизми, или бактерии во првите месеци по раѓањето, всушност помага да се стимулира имуниот систем. Имуниот систем треба да биде изложен на што поголем број на бактерии. Ако таа изложеност се минимизира, имуниот систем нема да се развие оптимално“ – велат истражувачите.
Ова истражување ја испитува улогата на факторите од животната средина и ги мери биолошките показатели, со цел да утврди како се развиваат алергиите и астмата во најраниот период од животот.
Во шест одвоени истражувања, истражувачите се обиделе да направат проценка дали доењето, мајчинските и породилните фактори имаат ефект на микроорганизмите во цревата и појавата на алергии и астма. Исто така истражувале дали микроорганизмите од цревата имаат влијание на развојот на Т-клетките , кои го регулираат имуниот систем. Од децата што ги испитувале биле земени примероци од изметот, еден месец и шест месеци по раѓањето.
Наодите покажале дека:
- Децата што биле доени на едномесечна и шестмесечна возраст имале различен состав на микроорганизми од децата што не биле доени. Ваквата разлика може да има влијание на развојот на имуниот систем.
- Бебињата од еден месец што биле доени биле со намален ризик од развој на алергии на домашни миленици.
- Астматичните деца кои имале напади на кашлање ноќе, имале различен состав на микроорганизми во текот на првата година од животот.
- За прв пат е покажано дека составот на микроорганизмите во цревата е поврзан со зголемувањето на Т-клетките.
Истражувачите исто така откриле дека видот на микроорганизмите во цревата варира во зависност од:
- расата /етничката припадност на мајката
- гестациската старост на детето при раѓањето.
- преталната и постнаталната изложеност на дим од цигари.
- Дали породувањето било со царски рез или вагинално
- Присуство на домашни миленици во домот.
„Истражувањето покажува дека изложеноста на што поголем број разновидни микроорганизми од животната средина и специфични видови на микроорганизми во цревата го поттикнуваат имуниот систем за заштита од алергииски реакции и астма“ – заклучуваат истражувачите.