Дали 10.000 часови пракса можат да ве направат експерт во било што? Оваа теорија беше истакната во еден психолошки труд од 1993 година, а ја популаризира книгата „Outliers“ на Малком Гладвел каде што вели дека секој може да совлада некоја вештина со 10.000 часови пракса, односно вежбање.
Научниците остануваат скептични. Неодамнешно истражување од група на психолози од пет универзитети, ја отфрла мудроста на Гладвел. Различното ниво на пракса може да објасни само една третина од различните нивоа на перформанси кај шахистите и музичарите, со што поголемиот дел останува необјаснет, и потенцијално може да се објасни со други фактори, велат научниците.
Со други зборови, праксата е супер, но самата пракса нема да ве направи експерт. Поврзани се и карактерот, возраста на која сте почнале, интелигенцијата или пак нешто сосема различно.
Психолозите ги анализирале податоците од шест претходни истражувања на шаховски натпревари (вкупно 1.083 субјекти) и шест истражувања на музичари (вкупно 628) за да пронајдат поврзаност помеѓу праксата, односно вежбањето и успехот. Тие откриле огромни разлики во тоа колку шаховските велемајстори и елитните музичари вежбале. На пример, на еден шахист му биле потребни 26 години за да достигне ниво кое друг шахист го достигнал за 2 години. Јасно е дека станува збор за нешто повеќе од само вежбање.
„Податоците јасно покажуваат дека некои луѓе достигнуваат врвно ниво на перформанси и без многу вежбање, додека некои не успеваат да го сторат тоа, иако многу вежбаат“, истакнуваат научниците, со што јавно го изразуваат своето несогласување со трудот на Гладвел тврдејќи дека тој испитувал премногу почетници, наместо експерти.
Па, ако вашите часови по музичко од детството не вродиле со некоја свирка, не грижете се – тоа не е така само бидејќи не сте вежбале доволно.