Замислете на пример како мирисате роза. Вдишувате длабоко за да го почувствувате слаткиот, но суптилен мирис. Но, кога одите на пример во јавен тоалет, го правите спротивното – нагло го ограничувате протокот на воздух низ носот за да не ја почувствувате лошата миризба.
Сега, научниците открија дека луѓето со аутизам го немаат ова природно прилагодување како останатите. Децата со аутизам постојано мирисаат на ист начин, без разлика дали се работи за пријатен или непријатен мирис.
Ова истражување, објавено во „Current Biology“ укажува на тоа дека невербални тестови поврзани со миризбите, односно начинот на мирисање, можат да послужат како рани показатели на аутизам.
Научниците спровеле истражување на 18 деца со аутизам и 18 деца со нормален развој на просечна возраст од 7 години (во секоја група имало 17 момчиња и 1 девојче). Тие биле изложени на пријатни и непријатни миризби, а научниците го мереле начинот на кој тие мирисале, односно помирисувале. Децата со нормален развој го прилагодувале начинот на мирисање во рок од 305 секунди по помирисувањето, додека кај децата со аутизам немало таква реакција. Разликата во начинот на мирисање успешно ги класифицирала децата со аутизам 81% од случаите.
Со помош на ваков тест, кој е невербален и не вклучува никакви задачи, може да се идентификува аутизмот за помалку од 10 минути. Овие наоди може да претставуваат основа за развој на дијагностичка алатка која набрзо ќе може да се применува, истакнуваат научниците. Тие планираат да тестираат дали овој начин на мирисање е специфичен само за аутизмот, или се појавува и кај луѓе со други нарушувања на невролошкиот развој.