Целата донирана крв во САД треба да се тестира за вирусот Зика – ова е новата препорака од страна на американската Управа за храна и лекови.
„Сѐ уште постојат нејаснотии во врска со начинот и степенот на пренесување на Зика вирусот. Засега, тестирањето на целокупните залихи на крв ќе помогне да се осигура безбедна крв за сите лица кои имаат потреба од трансфузија“- вели Питер Маркс, директор на Центарот за биолошка еволуција и истражувања при Управата за храна и лекови.
Препраката доаѓа откако Флорида се соочи со проширување ва заразата со Зика, со 43 нови случаи пријавени во областите Мајами-Дејд и Палм Бич. Покрај тоа, приближувањето на тропската бура може да ги компликува напорите да се контролира заразата.
„На краток рок, тропската бура е позитивна, бидеќи ветровите ќе ги однесат комарците подалеку, но отпадот што ќе стане расфрлан после тоа ќе претставуваат одлична средина за развој на „Aedes aegypti“ – комарецот кој го пренесува Зика виусот“ – вели Џо Конион, технички советник во Американската асоцијација за заштита од комарци, за „Popular Science“.
Иако првенствено се пренесува преку убод од комарци, Зика вирусот исто така може да се пренесе и преку сексуален контакт и веројатно преку трансфузија на крв.
Во претходната препорака што ја издаде Управата, минатиот февруари, се препорачуваше скрининг само во активните жаришта на Зика инфекцијата.
Според соопштението, новите препораки се базирани на успешните напори за тестирања на крвта што веќе се одвиваат на Флорида и во Порторико, како и врз основа на консултациите со агенциите за јавно здравје и врз научните докази.
Препораките ќе останат на сила сѐ додека не се намалат ризиците за пренос на Зика преку трансфузија на крв.