Болката претставува огромен проблем, предизвикува страдање, а во економска смисла чини многу пари. Сегашните третмани се проблематични поради несаканите ефекти што ги пројавуваат, притоа го намалуваат квалитетот на животот, а и не се справуваат со болката доволно добро.
Во истражувањето објавено во медицинското списание „Brain“, научниците од Универзитетот во Сент Луис и Националниот Американски Институт за здравје (NIH) објавија дека откриле начин за блокирање на патиштата за хронична болка, вклучувајќи ја и болката предизвикана од хемотерапевтски агенси и болката од рак на коските, што навестува нов многу ветувачки пристап во третирање на болката.
Испитувањата што се вршени на животински модели покажале дека вклучувањето на рецептори во мозокот и ‘рбетниот мозок, доведува до блокирање на болката и кај машките и кај женските животни.
Со активирање на А3 рецепторите (преку нивниот природен хемиски стимулатор- аденозин со мала молекула, или преку моќни синтететички молекули од лек кој е осмислен од „NIH“) се спречува болката предизвикана од оштетување на нервите, а притоа не покажува несакани ефекти (како oпијатите) и не развива толеранција на аналгетици.
Клучот за редукција на болката
Иако одамна е познат потенцијалот на аденозинот за спречување на болката кај луѓето, досега научниците не успеаја да го искористат, бидејќи таргетирањето на овие рецептори беше поврзано со многу несакани ефекти.
Сегашното испитување било специфично насочено кон поттипот „А3АR“ и неговата активација обезбедила многу јака редукција на болката кај многу видови болка.
Истражувачите истакнуваат дека агонистите на „А3АR“ се веќе во напредна фаза на клиничко тестирање како анти-воспалителни и анти-канцер агенси и се покажале како многу безбедни.
„Ова истражување укажува дека со активација на „А3АR“ преку високо селективни агонисти на „А3АR“ со мала молекуларна тежина, како што е „MRS5698“, се обезбедува јака редукција на болката, што ја поддржува идејата за развој на „А3АR“ агонисти како можен третман за редукција на хроничната болка“, истакнуваат истражувачите.
Енаука.мк (реобјавена статија)