Дали птиците спијат додека летаат?

Научниците за прв пат успеале да зебележат дека птиците можат да спијат додека летаат. Досега само се претпоставуваше дека птиците имаат ваква способност, но немаше докази за тоа.

Меѓутоа, иако научниците сметаа дека е можно вакво нешто, новото истражување покажува дека начинот на кој птиците спијат во воздух е многу почуден од тоа што се претпоставуваше.

Ова откритие ќе помогне да се разреши дилемата околку тоа како птиците успеваат да летаат со денови или недели без да се спуштат на земја, околу која веќе со децении се поделени мислењата на биолозите.

Без да знаат што точно се случува во воздух, научниците не беа сигурни дали птиците се будни во текот на целиот лет или ја одмараат само едната хемисфера од мозокот, додека другата е активна, исто како што тоа го прават патките на земјата, за да се заштитат од грабливци.

Истражувањето е направено на една морска птица (frigatebird), за која е познато дека може да лета со недели над океанот во потрага по риби, од страна на тим од научници од Одделот за орнитологија на Инаститутот Макс Планк во Германија. Тие направиле мал уред за електроенцефалографија (ЕЕГ) со кој ја мереле мозочната активност кај птицата. Ваков уред тие закачиле на 15 возрасни женки. Научниците ја следеле мозочната активност на птиците во период од 10 дена, при повеќе од 3.300 км лет, додека позицијата и висината на птиците била следена преку ГПС уред.

36DF9C2800000578-3723681-image-a-53_1470319129975

Податоците биле собрани откако птиците слетале на земја заради одмор. Анализата на податоците покажала дека додека летале преку ден во потрага по риби, птиците биле будни. Но, по заоѓањето на сонцето, птиците влегувале во сон неколку минути, а за тоа време сѐ уште летале над водата. Најчесто – што било и очекувано, тие ја одмарале само едната хемисфера од мозокот. Покрај патките, ваква појава се среќава и кај делфините, кои можат да пливаат додека спијат, со тоа што едната хемисфера од мозокот им е будна за да „внимава“ на можните опасности. Луѓето, исто така го прават ова кога ќе заспијат на ново место.

Податоците од уредот покажале дека кај птиците само едната хемисфера е поврзана со окото што ја следи насоката на движење додека летаат. Тоа укажува дека птицата го држи едното око отворено за да не се судри со другите птици, исто како што патките внимаават на грабливците, велат истражувачите.

Меѓутоа, ЕЕГ записите исто така покажале дека и двете хемисфери кај птиците истовремено влегуваат во состојба на сон, што укажува дека тие можат да ја одржуваат аеродинамичката контрола и додека целиот мозок е „заспан“.

Во ретки случаи, птиците влегуваат и во РЕМ–фаза од сонот и успеваат да се одржат во воздух, што е многу необично, бидејќи кај повеќето цицачи во таа фаза настанува потполна опуштеност на мускулатурата. Но, кај птиците РЕМ-фазата трае само неколку секунди за време на летот, а единствен забележителен знак за опуштање на мускулите е спуштање на главата.

Резутатите добиени додека птиците се на копно покажале дека тие можат да бидат во оваа фаза и да стојат на една нога.

516073-birdsedited

Покрај сите овие уникатни способности, најизненадувачки бил фактот што овие птици спиеле помалку од еден час дневно – или просечно 42 минути, што е за 10 проценти помалку од времето што нормално го поминуваат во спиење кога се на копно.

Зошто птиците спијат толку малку кога се во лет, дури и ноќе кога не можат да дојдат до многу храна, сѐ уште останува нејасно, велат истражувачите. Покрај тоа, потребни се и дополнителни истражувања за тоа како можат да функционираат птиците со толку малку сон, бидејќи за луѓето такво нешто би било уништувачко.

Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.

Поддржете ја нашата работа: