Дали Венера некогаш била погодна за живот?

Со својата неверојатно жешка површина, облаци од сулфурна киселина и висок атмосферски притисок, Венера важи за најжешката планета и едно од најнепожелните места во целиот Сончев систем. Но тоа, не било отсекогаш така.

Кога за прв пат започнувал да се развива живот на Земјата, се чини дека и Венера била планета погодна за живот.

И двете планети најверојатно имале топли водени океани во контакт со карпи, и органски молекули подложени на хемиска еволуција во тие океани, вели Дејвид Гринспун од Планетарниот институт во Тусон, Аризона. Колку што ние се разбираме во моментов, тоа се условите кои се потребни за потекло на животот.

Научниците веќе со години укажуваат на тоа дека Венера не била отсекогаш најжешката планета во Сончевиот систем. Уште во 2010 година тие го нагласиле фактот дека Земјата и Венера се изненадувачки слични по големина, густина и состав, а нивната близина укажува на тоа дека најверојатно биле формирани од истите основни материјали.

Венера исто така има необично висок сооднос на атоми на деутериум и водород, што е знак дека некогаш имала значителна количина на вода, која со текот на времето е мистериозно изгубена.

Сега, доказите за тоа дека Венера некогаш била планета погодна за живот се уште посилни, поради тоа што новите климатски модели на научниците покажуваат дека пред околу 3 милијарди години можно е Венера да имала умерени температури слични како на Земјата, како и течни океани.

Научниците симулирале четири верзии на Венера и откриле дека е можно Венера да имала густи облаци кои ја штителе од суровата радијација на Сонцето и дека најверојатно била погодна за живот до пред 715 милиони години.

Но, има еден услов – за овие модели да се точни, Венера би требало да ротира со иста брзина како и денес. Со оглед на тоа што ротацијата на Земјата полека се забавува со текот на годините, некои научниците сметаат дека и Венера во минатото ротирала побрзо, но тоа научниците допрва треба да го докажат.

За жал, денешната Венера не е баш најлесното место за да се бараат докази за одамна загубениот живот. Ако стоите на површината на Венера, ќе искусите воздух 90 пати потежок од атмосферата на Земјата и притисок како да сте нурнале 914 метри под површината на океанот.

Па како Венера преминала од планета погодна за живот слична на Земјата, во т.н. злобна близначка на Земјата?

Тоа претставува една од најголемите мистерии за Венера. Како станала толку различна од Земјата, кога се чини дека започнала толку многу слична. Научниците сметаат дека единствениот начин за да се дознае тоа е да се отпатува на неа, а тоа е нешто за што НАСА веќе размислува.

Студијата е прифатена за објава во „Geophysical Research Letters“.

Поддржете ја нашата работа: