Познато е дека постои разлика помеѓу психичкото и физичкото здравје, но психичките болести, до сега не се сметаа за главен фактор за ризик на болести, како што е срцевото заболување.
Депресијата е поврзана со дигестивни нарушувања, хронична болка, мозочен удар и прерана смрт, а новите истражувања покажуваат дека таа може да биде еден од главните фактори за појава на кардиоваскуларни болести.
Се чини дека срцевите заболувања и депресијата одат заедно. Пациентите со срцеви заболувања имаат поголема веројатност да станат депресивни како резултат на нивната болест, додека оние кои страдаат од депресија имаат поголема веројатност да развијат срцеви заболувања, за разлика од општата популација.
Една германска студија, објавена во списанието “Atherosclerosis” , посочува дека депресивното расположение и исцрпеноста е на исто ниво со високото ниво на холестерол и дебелината, како фактор на ризик на кардиоваскуларните болести.
Како депресијата го повредува срцето
За потребите на студијата, истражувачите набљудувале 3.500 мажи помеѓу 45 и 74 годишна возраст, во период од 10 години, собирајќи информации за нивното физичко и ментално здравје, а потоа ги анализирале податоците и ги споредиле со клиничка депресија и други познати ризици за срцеви заболувања.
Анализите покажале дека ризикот од фатални срцеви болести бил повисок кај мажите со депресија, исто како и кај мажите со висок холестерол или дебелина. Вкупно 15 проценти од смртните случаеви поврзани со кардиоваскуларни болести се препишуваат на депресијата.
Процесот за појавата на срцеви заболувања кај депресивните луѓе сеуште не е јасен, но се чини дека кортизолот, кој е главен стрес хормон, тука игра голема улога. Исто така не е јасно, дали третманите против депресија може да го подобрат здравјето на срцето.
Конекција помеѓу мозокот и срцето
Врската помеѓу психичкото здравје и здравјето на срцето е добро воспоставена. Една студија од 2014 година, на пример покажува дека луѓето со психички растројства имаат двојна шанса да добијат мозочен удар, или веќе имаат срцеви заболувања отколку општата популација. Во друга неодамнешна студија пак, кардиолозите посочуваат на факти кои велат дека психолошкиот стрес може да предизвика невролошки и физиолошки промени кои создаваат услови за срцев удар.
Новите истражувања пак покажуваат дека депресијата може да биде силен фактор за зголемување на стапката на морталитетот од срцеви причини.
Во меѓувреме, водењето здрав начин на живот, како превентивна стратегија, се покажува како ефективно решение за спречување на депресија и срцеви заболувања.
Позитивните промени, како здрава исхрана, физичка активност, управување со стресот, ограничување на алкохолот и откажување од цигари, се важни подеднакво за нашето физичко и ментално здравје.