Дете родено со ХИВ веќе осум години нема знаци на вирусот

Деветгодишно двојче од Јужноафриканската Република, родено со ХИВ, веќе осум и пол години се наоѓа во ремисија, без да има потреба од лекови, велат докторите.

Девојчето, чиј идентитет е заштитен, било подложено на интензивен третман кратко време по раѓањето. Оттогаш, иако не прима никаква терапија, девојчето не покажува симптоми или знаци на активен вирус.

Девојчето се инфицирало од нејзината мајка при породувањето во 2007 година и било со високо ниво на ХИВ во крвта.

Раната антиретровирусна терапија во тоа време не била стандардна пракса, но на девојчето му била дадена терапијата кога било на овзраст од девет недели, како дел од едно клиничко истражување, заедно со уште 142 бебиња.

Лекувањето било прекинато 40 недели подоцна, бидејќи нивото на вирусот станало незабележливо. Тестирањата направени после осум години покажале дека вирусот не се вратил.

Тестирањата направени кога девојчето имало девет години, покажале дека вирусот е присутен само во трагови, во имуните клетки, како единствен показател за ХИВ инфекцијата. Инаку девојчето нема природна мутација која овозможува отпорност на ХИВ.

Ова е трет случај каде раната антиретровирусна терапија дала резултати кај деца. Едниот случај е бебето од Мисисипи, кое добило терапија 30 часа по породувањето и било во ремисија 27 месеци по престанокот на терапијата. За жал, во овој случај вирусот пак се вратил.

Вториот случај е дете од  Франција, кое веќе има поминато скоро 12 години без терапија.

„Не веруваме дека само антиретровирусната терапија е заслужна за ремисијата. Не знаеме точно зошто ова дете постигнало ремисија – веруваме дека е поврзано или со генетиката или со имунолошкиот систем“вели водачот на истражувачкиот тим Ави Виолари од Универзитетот во Витватерсранд во Јужна Африка.

Некои луѓе природно подобро се справуваат со ХИВ инфекцијата – тие се т.н. „елитни контролори“. Сепак, она што го поседува ова девојче е различно од сѐ што е досега видено.

Ако се разбере механизмот како ова дете успеало да се заштити би можело да доведе до нови лекови или вакцина која ќе го сопре ширењето на ХИВ.

Резултатите од овој случај биле презентирани на 9-тата Меѓународна конференција за сида во Париз.

 

Поддржете ја нашата работа: