Довербата расте со стареењето

Стреотипното претставување на старите лица во филмовите, веројатно не тера да мислиме дека со стареењето луѓето стануваат намќори. Сепак новите истражувања покажуваат дека тоа не е точно – стареењето не ги прави луѓето цинични и недоверливи. Напротив, според две обемни истражувања направени од страна на Универзитетот Нортвестерн и Универзитетот во Бафало, стареењето има тенденција да ја зголеми довербата кај луѓето, што може да биде од голема корист за нивната севкупна благосостојбата.

Двете истражувања, споени во една се објавени во интернет изданието „Social Psychological and Personality Science“.

Во првото истражување, испитувана е поврзноста помеѓу возраста и довербата во повеќе точки од историјата преку примерок од 197.888 индивидуи (возраст од 14 до 99 г.) од 83 држави, во периодот  1981 – 2007 година. Со второто истражување биле опфатени помал број на лица -1.230 во САД, во период од 4 години (возраст 18 – 89 г.).

Наодите и во двете истражувања покажале ист резултат – дека постои позитивна врска помеѓу довербата и стареењето, незвисно за која култура се работи и дека тоа не е нов феномен, туку дека постои непроменет барем во последните 30 години.

Едно од објаснувањата за поврзаноста на довербата и стареењето е дека постарите лица се пооптимистични, помотивирани да простуваат, да веруваат дека луѓето се добри и дека вреди да им се верува. Тоа води до поголема лична среќа и севкупна благосостојба.

„Знаеме дека постарите лица гледаат на работите од посветлата страна. Како што старееме повеќе сме склони да го видиме доброто во другите луѓе и да простуваме за малите разочарувања што толку не оптеретуваат додека сме млади“ – вели Клаудија Хасе, ко-автор на истражувањето.

Иако зголемената доверба може да има и негативни последици заради можноста постарите лица да бидат измамени и искористени од другите луѓето, истражувачите наведуваат дека нема докази дека ова ги намалува позитивните придобивки.

„Истражувањата покажуваат дека зголемувањето на довербата може да биде многу важно средство за успешен развој во животот“- велат истражувачите.

Поддржете ја нашата работа: