Генот од крвните садови во борба против ракот и срцевите заболувања

Истражувачите велат дека  со манипулацијата на овој ген може да се намали  снабдувањето со крв на одредени типови рак ,на кои им е потребна крв за да растат. Исто така, би можел да се употреби и кај атеросклероза која може да доведе до срцев или мозочен удар.

Атеросклерозните плаки-наслаги што се таложат на ѕидот од крвниот сад, најчесто се создаваат во деловите каде што има пореметување во циркулацијата на крвта.

Каква ќе биде мрежата од крвни садови не е однапред одредено, туку е повеќе како систем на река. Овој ген „Piezo 1“, ги дава потребните инструкции на сензорите кои му кажуваат на телото дека крвта нормално циркулира и му дава сигнал за формирање на нова структура на крвни садови, вели  професорот Дејвид Бич од Универзитетот во Лидс, кој го предводеше ова истражување.

Генот дава инструкции на протеин кој формира канали, кои се отвараат како  одговор на механичкиот притисок од протокот на крв, дозволувајќи мали електрични полнења да влезат во клетката и да ги поттикнат промените потребни за создавање нов крвен сад.

“ Потребно е да се извршат понатамошни истражувања во насока на тоа како да се манипулира со овој ген за да се третираат овие болести. Се наоѓаме во рана фаза на истражување, но досегашните наоди се многу ветувачки”-вели понатаму професорот Бич .

Протокот на крвта има огромно влијание врз здравјето на артериите низ кои поминува. Голема е веројатноста дека ќе настане оштетување на артериите во деловите каде што има пореметување во протокот на крвта.

Тоа е така затоа што клетките на ендотелот што ги обложува крвните садови се исклучително осетливи на промените во протокот на крвта и нивниот одговор на ваквите промени може да доведе до болест при која крвните садови се стеснуваат и со текот на времето може да бидат причина за срцев удар.

Досега многу малку  се знаеше за процесот преку кој протокот на крвта влијае на ендотелијалните клетки. Ова откритие ни покажува дека протеинот во овие клетки може да биде пресуден во детектирањето и одговорот на промените во протокот на крв.

Користејќи ги овие сознанија во понатамошните истражувања, се надеваме дека ќе развиеме третман кој ќе спречи развој на болести кај здравите артерии-вели професорот Џереми Пирсон, истражувач и  ко-основач на Британската Фондација за срце.

Поддржете ја нашата работа: