Познато е дека престојувањето во природа позитивно влијае на расположението и го намалува нивото на стрес. Дури и обична прошетка по улица со дрвореди во урбаните средини позитивно влијае на редуцирање на стресот.
Но, овој пат научниците успеале квантитативно да ги проучуваат ефектите што природата ги има во редуцирање на стресот.
Истражувачите од Универзитетот во Илиноис и Универзитетот во Хонг Конг направиле истражување во кое за потребите на науката подложиле на стрес 160 лица.
Откако учесниците биле целосно под стрес, од нив било побарано да гледат сцени од урбани средини, со помош на едно од 10 шест минутни видеа од 360 степени, каде се гледаат делови од урбаните средини кои се разликуваат само по количеството на видливи крошни од дрвја (од 0 до 70 проценти).
Нивото на стресот кај учесниците било мониторирано преку три прашалници на кои тие одговарале во три случа : пред да бидат подложени на стрес, веднаш по завршувањето на стресната ситуација и после краток период на одмор на самиот крај на експериментот. Од добиените податоци од различни точки на експериментот, истражувачите изработиле графикон за анализа на добиените резултати.
Резултатите покажале дека колку била поголема густината на дрвјата која учесниците ја гледале во видеото, толку била поголема редукцијата на нивниот стрес. Со други зборови – колку погуста шума, толку помал стрес, што значи дека и прошетка по улица со дрвореди или уште подобро престој во парк, може да биде од исклучителна корист за менталното здравје.
Сепак, ова истражување има одредени ограничувања – изјавите за нивото на стрес се субјективни, а и гледањето на слики од дрвја не е исто како и вистински престој во таа средина. Меѓутоа, ова не е прв пат истражувачите да покажат дека зеленилото има позитивни ефекти врз здравјето.
Едно истражување од март, кое беше објавено во „International Journal of Environmental Research and Public Health“, покажа дека дури и неколку фотографии на кои е прокажана природа може да делуваат позитивно. Кога учесниците во експериментот гледале во слики од природата, нивото на стрес им се намалило, благодарение на активирањето на парасимпатичниот нервен систем – кој контролира одредени функции за одмор.
Секако ќе бидат потребни уште истражувања за потполно да се разбере влијанието на природата врз нашиот ум, но и овие првични резултати несомнено покажуваат дека сите ние би требало да издвоиме повеќе време за престој на отворено, во природа.
Наодите се објавени во „Environment and Behaviour“.