Голем расцеп во мразот на Антарктикот и се заканува на една истражувачката станица

Истражувачката станица Хали VI, што се наоѓа на Антарктикот и која во 1980-тите прва ја откри озонската дупка во атмосферата на Земјата, сега се соочува со еден друг вид на еколошка закана.

Еден огромен процеп во мразот, што последниве 35 години беше во мирување, повторно  почна да се отвора и да се приближува кон станицата.

Овој процеп кој повторно стана активен во 2012 година се поместува северно кон Хали VI, приближно за 1,7 километри годишно. Иако е малку веројатно дека процепот ќе се отвори под станицата и ќе ја проголта, сите индиции покажуваат дека доколку станицата не се премести на побезбедно тло, ќе се отцепи од ледениот гребен и ќе остане сама да плови во морето.

За среќа, Хали VI – која претставува шеста генерација од истражувачката станица Хали, е градена и за вакви екстремни околности.

Објектот е управуван од страна на „British Antarctic Survey“ (BAS) и се состои од осум поврзани модули што се држат на хидраулични нозе опремени со скии. Откако ќе се одвојат еден од друг, секој од овие модули може со големи трактори да се премести на друга локација, што се планира и во овој случај.

Сепак, постои одредена загриженост, со оглед на тоа дека целата структура не е поместувана откако е поставена во 2012 година. Голем притисок создава и фактот што можноста за работа на терен на Антарктикот – што коинцидира со почетокот на летото, трае само девет недели.

За време на овој краток период истражувачите ќе треба целата страница да ја пренесат, парче по парче до следната дестинација – отприлика 23 километри источно (види ја картата подолу).

2361287687644-bas-2

Новиот  дом на Хали VI ќе биде стациониран на источната страна на расцепот, пред тој да го исече северозападниот врв од остатокот од ледениот гребен Брант.

Целиот потег ќе мора да се изврши за овие девет недели, пред ледениот гребен повторно да биде зафатен од тешките зимски услови.

Се очекува целата постапка да биде завршена за три години, односно за три вакви сезони, со надеж дека ширењето на процепот нема да се забрза во меѓувреме. Со оглед дека планетава веќе губи мраз со површина колку Индија, работите не изгледаат најдобро. Она што уште повеќе ја комплицира целата работа е појавата на уште една пукнатина што беше откриена на ледениот гребен во октомври годинава. Оваа пукнатина се протега од исток кон запад на гребенот, северозападно од местото каде сега се наоѓа Хали VI. Оваа пукнатина е значително помала и поплитка од таа што сега и се заканува на станицата, но ја сече рутата која сега од време на време се користи за снабдување на станицата.

Иако процесот за релокација на станицата е во тек, истражувачите стационирани на Хали VI ќе продолжат со својата работа колку што е можно подолго, надгледувајќи ги екстремните временски случувања, климатските промени и другите атмосферски феномени.

Поддржете ја нашата работа: