Грчкиот подводен „изгубен град“ е всушност природна формација

СПОДЕЛИ

Кога во 2013 година нуркачите наидоа на поплочени подови и дворови на морското дно во близина на брегот на грчкиот остров Закинтос, се сметаше дека се работи за остатоци од еден одамна изгубен грчки град, кој веројатно бил збришан од воден бран.

Но, после обемно испитување на целата област истражувачите утврдиле дека овие необични структури не се остатоци од изгубен град, туку всушност се резултат на природен геолошки процес кој се случил пред отприлика 5 милиони години во ерата на Плиоценот.

Според новото истражување направено од заеднички истражувачки тимови од Универзитетот од Источна Англија, лоциран во Норвич, Велика Британија и Универзитетот во Атина, Грција, овие структури, кои на прв поглед многу наликуваат како основа на мермерни столбови и други структури, всушност се формираат кога бактерии ќе почнат да се хранат со метан-гас кој протекува низ морското дно.

Со текот на времето овие бактерии предизвикуваат верижна реакција која доведува до цементирање на талогот во облик на дискови. Овие дискови изгледаат како да не се природни, бидејќи не се вклопуваат во околината, особено на морското дно.

Lost-Underwater-City-off-the-coast-of-Greece-is-actually-just-geologyМестото првично било испитувано од дирекцијата за морска археологија на Грција – владина организација која е одговорна за подводни археолошки ископувања во околината на Грција. Тие ги направиле првичните минеролошки анализи, но не успеале да го одредат потеклото на структурите. Затоа бил формиран овој тим кој продолжил со анализите на минералниот состав со помош на микроскопија, Х-зраци и техника на стабилни изотопи со што дошле до конечниот заклучок.

underwaterloОва не е прв случај кога природни геолошки феномени изгледаат како да се направени од човек. Со години луѓето ги збунуваа „самовилските оџаци“ во Турција кои изгледат како серија споменици кои се протегаат низ Анадолија.

За жал на многу верници, овие формации не се дело на самовили (или луѓе), туку се формирани како последица на вулкански ерупции пред милиони години, кои трупале пепел и отпадоци низ целиот регион, што со време се претвориле во структури слични на споменици кои опстојуваат до ден денес.

Наодите од истражувањето се објавени во „Marine and Petroleum Geology“.

Дискусија

Коментари