Електричните возила – вклучувајќи ги автономните автомобили, се очигледно иднината на индивидуалниот транспорт, но сѐ уште останува прашањето колку сме блиску до тоа.
Холандија веќе се движи во тој правец. Во земјата постои иницијатива да се забрани продажбата на бензинските и дизел моторни возила до 2025 година. Ова значи дека после тоа, на патиштата во Холандија ќе бидат дозволени само новите електрични возила, иако постоечките возила на фосилни горива ќе продолжат да се користат се додека не им откажат моторите.
Иако предлогот изгледа екстремен, мнозинството од Долниот дом на Холандскиот парламент ја поддржува иницијативата, што значи дека постојат шанси да се донесе закон. Според плановите, сите возила што вршат емисија на гасови – што се однесува до продажбата, ќе бидат забранети. Тоа значи дека и хибридните возила би биле забранети, додека возилата на водородни ќелии би биле дозволени.
Ова е амбициозен план, но не е прв пат Холандија да презема мерка за заштита на животната средина преку нови идеи кога се работи за транспортот. Земјата моментално работи на железнички системи кои 100 проценти ќе користат ветерна сила, па дури и вградува соларна технологија во патиштата.
Најпечатливата работа во врска со иницијативата е кратката временска рамка –помалку од една деценија, со која се предвидува Холандија да го постигне ова, иако, треба да се нагласи дека во земјата има многу повеќе електрични возила од повеќето останати земји.
Според „Inside Evs“, минатата година во Холандија биле купени 43.000 електрични возила, што изнесува 9,6 % од вкупно регистрираните 449.347 возила во 2015 година.
Во извесна смисла ова не е изненадување, со оглед на големото внимание што во минатите недели го привлече „Моделот 3“ на Тесла, како првото електрично возило кое секој може да си го „дозволи“.
За да се реализира овој импресивен закон нема да биде потребно само согласност од повеќе политичари, туку ќе биде потребно на пазарот да има 10 пати повеќе електрични возила од она што сега се продава во Холандија. Ова е прилично голема промена, па дали една деценија е доволно време тоа да се постигне?
Тоа никој со сигурност не може да го каже, а има и несогласувања помеѓу самите Холанѓани. Според „NL Times“, министерот за економски работи го нарекол предлогот преамбициозен и нереален, велејќи дека само 15% од возилата во 2025 година би биле целосно електрични.
Останува да се види дали оваа иницијатива ќе биде преточена во закон, но барем е започната дебата и заложбите да се забрза воведувањето на електричните возила се сѐ погласни.