Еден од најактивните вулкани во Јапонија е на работ повторно да еруптира, велат научниците, откако истражувањата покажале забрзано таложење на магма во планината Сакураџима.
Наодите покажуваат дека блискиот град Кагошима се наоѓа под сериозна опасност, бидејќи насилната ерупција се очекува да се случи во следните 25 години.
Овој крајбрежен град со 600.000 население последен пат настрадал од ерупцијата на вулканот во 1914 година, кога погинале 58 луѓе. Ова се смета за најсилна вулканска ерупција во Јапонија во 20-тиот век. Според наодите на еден меѓународен тим од истражувачи, сегашните услови во внатрешноста на вулканот индицираат дека ова може наскоро да се повтори.
Научниците, предводени од Универзитетот Ексетер во Велика Британија, ги проучувале површните деформации во и околу Аира калдера – огромен вулкански кратер кој делува како еден вид „зона за складирање на магмата“ за планината Сакураџима, полнејќи го вулканот со супер жешки, стопени и полу стопени карпи.
Површинските мерења на Аира калдера покажуваат дека од 1914 година целиот кратер постепено се подигнува.
Според пресметките на научниците, Сакураџима добива приближно 14 милиони кубни метри магма секоја година, што е, како што велат истражувачите за 3,5 пати повеќе од волуменот на стадионот Вембли во Велика Британија – еден од најголемите стадиони во светот.
Ова е огромно количество на карпи и многу повеќе од тоа што вулканот може да исфрли при неговите редовни мини-ерупции, што се нарекуваат вулканолошки ерупции – кои се случуваат и на дневна основа, но најчесто не се опасни.
Крајниот резултат од вакво огромно трупање на магма е голема ерупција која се предвидува во следните неколку децении.
Иако ова несомнено е лоша вест за жителите на Кагошима, за среќа новите денешни техники овозможуваат полесно да се процени кога може да дојде до голема ерупција, со што на градските власти им се овозможува навремено да преземат мерки за евакуација и да спречат евентуална катастрофа.
Наодите се објавени во „Scientific Reports“.