Каде има највисоки луѓе во светот?

Истражувачите од Кралскиот Колеџ во Лондон во соработка со Светската здравствена организација, со помош на податоците од повеќето земји во светот, направиле следење на висината на млади мажи и жени во период од 100 години – помеѓу 1914 и 2014 година. Собраните податоци ги содржеле податоците од воена регрутација, податоците од анкетите во врска со здравјето и исхраната и од епидемиолошките студии. Ова било искористено за добивање на информации за висината на лицата кои биле на возраст од 18 години во 1914 година (лица родени 1896) со лица на 18-годишна возраст во 2014 година (родени 1996).

Истражувањето покажало дека највисоки мажи се Холанѓаните, со просечна висина од 182 см, по нив следуваат мажите во Белгија, Естонија и Латвија. На врвот на листата  највисоки жени се жените во Латвија, со просечна висина од 173 см, пред жените од Холандија, Естонија и Чешка.

Американците во просек се високи 180 см, додека Американките 165 см.

Најниски се мажите од Источен Тимор, со просечна висина од 161 см, додека најниски жени се жените од Гватемала со просечна висина од 143 см.

Колкава е разликата помеѓу највисоките и најниските луѓе во светот?

_83703662_dutch23

Статистиката покажува дека помеѓу мажите постои разлика од околу 23 см, што е зголемување за околу 5 см на разликата во висината од 1914 година. Кај жените, разликата во висината останала иста – околу 20 см. Во просек, разликата во висината помеѓу мажите и жените останала скоро иста во периодот од овие 100 години – во 1914 г. разликата изнесувала околу10 см, а во 2014 г. е околу 12 см.

Во некои земји од суб-сахарска Африка, меѓу кои Сиера Леоне, Уганда и Руанда, во последните 40 години висината на луѓето се намалила за околу 5 см. Во земјите од источна Азија, како Јужна Кореја и Кина се забележува зголемување на висината и кај мажите и кај жените, кои сега се повисоки во однос на Јапонците.

На варијациите на висината влијаат генетиката и исхраната. Претходни истражувања покажале дека разликата во висината помеѓу индивидуалците е детерминирана од генетиката. Наследноста на висината кај луѓето се пресметува преку одредување на степенот на сличност со роднините. На пример, едно истражување од 2010 година, направено на 3.375 пара близнаци и браќа и сестри, Австралијци, покажало дека наследноста на висината е 80 проценти.

Ова е причината зошто има разлики во висината помеѓу различни етнички групи кои имаат различно генетско потекло и живеат во различни средини. Кај Азиските народи, наследноста на висината изнесува 65 проценти. Разликите во процентот на наследност се исто така поврзани и со определени околности, како што се климата, навиките во исхраната и начинот на живот.   

201607262319467744_Global-study-finds-worlds-tallest-are-Dutch-Latvians_SECVPF

Исхраната игра клучна улога за висината, особено кај децата. Исхраната, од раѓањето, па до околу втората година од животот може да помогне да се максимизира генетскиот потенцијал за висината. Едно истражување од 2010 година, што беше објавено во „The Journal of Nutrition“, покажува дека неухранетоста кај децата помлади од две години може да предизвика стагнација во растот во однос на родителите и браќата и сестрите со добра исхрана. Сепак, ова кај децата може да се надомести со содветна исхрана. Со внес на доволно калории и витамини, 30 проценти од овие деца на 8,5 годишна возраст веќе не заостанувале во растот, а 32,5 проценти не заостанувале до 12-годишна возраст.

Западната исхрана, во која преовладува храна богата со маснотии и шеќери кои се поврзани со дебелината може да биде причина за понизок раст. Некои педијатри веруваат дека дебелината води до предвремен пубертет. Кај жените, естрогенот може да доведе до „затворање“ на плошите на краевите на долгите коски, кои се одговорни за растот и ако ова се случи порано, се зголемува веројатноста од понизок раст.

Наодите од истражувањето се објавени во списанието „eLife“.

Поддржете ја нашата работа: