Како канабисот ќе влијае на вас зависи од еден ген

Поврзаноста помеѓу употребата на канабисот и психозата веќе долго време е поле на интерес на научниците, со неодамнешни истражувања кои покажуваат дека еден ген наречен „AKT1“ влијае на веројатноста за корисниците на канабис да развијат психичко растројство.

Сега, за прв пат, истражувачите од Велика Британија покажаа дека овој ген исто така посредува за реакцијата на канабисот кај здравите индивидуи.

Ова значи дека овој ген може да се користи за да се предвиди колку луѓето се подложни на ефектите на дрогата, како и да се спречи и третира психозата предизвикана од оваа дрога.

„Ова се први наоди кои покажуваат дека луѓето со овој ген имаат поголеми шанси за да искусат силни ефекти од пушењето канабис, дури и ако се здрави, односно немаат дијагностицирана психоза“, истакнуваат истражувачите.

Според нив, околу 1% од корисниците на канабис развиваат психоза, а оние кое секојдневно ја конзумираат имаат двојно поголем ризик за развој на некакво психичко нарушување.

Во истражувањето учествувале 442 млади здрави корисници на канабис кои биле тестирани и трезни и под влијание на дрогата. Биле мерени симптомите на интоксикација и ефектите на губење на меморијата додека тие биле под влијание на дрогата и потоа биле споредувани со резултатите од 7 дена подоцна, кога повеќе немале дрога во организмот.

Оние кои имале варијација на генот „AKT1“ имале поголема веројатност за да доживеат психотична реакција, што е од особено значење бидејќи се смета дека честите психотични реакции може да се поврзани со зголемениот ризик за развој на психички нарушувања.

Истражувачите се надеваат дека ова истражување, објавено во „Translational Psychiatry“ ќе помогне во идентификувањето на оние кои имаат најголем ризик од негативните ефекти на канабисот и во создавањето на лек кој ќе го таргетира овој ген за да се спречи развојот на психички нарушувања кај оние лица кои само рекреативно го користат канабисот.

Поддржете ја нашата работа: