Како медузите живеат без срце и без мозок?

Медузите претставуваат еден вид на планктони и се далечни роднини на коралите и морските анемони. Имаат облик на ѕвоно, а нивна главна карактерестика е тоа што телото им е сочинето од 98% вода и воопшто немаат коски. Поради ова, ако медузата биде исфрлена од водата на брегот, за кратко време ќе исчезне бидејќи едноставно ќе испари.

Друга карактеристика на медузите се нивните пипала, иако може да ги нема кај сите видови. Пипалата имаат двојна улога – на медузите им служат за ловење на храна и за самоодбрана.

Пипалата се обложени со специјални клетки наречени книдобласти кои се способни да предизвикаат болен убод. При убодот, од тие клетки се испушта отров кој влегува во телото. Овој отров е невротоксин (го напаѓа нервниот систем) и служи да го онеспособи или убие пленот на медузата. Убодот од медуза кај човекот предизвикува болка, појава на осип по кожата, треска и грчеви на мускулите, но може, иако многу ретко да предизвика дури и смрт. Најдобар начин да се справите со симптомите од убодот е да го истриете местото на убодот со алкохол, оцет, амонијак и верувале или не, со урина.

Покрај тоа што немаат коски, очи или жабри, најинтересната карактеристика кај медузите е што тие немаат ниту срце, ниту мозок.

Па, како успеваат овие животни да преживеат и да функционираат?

Jellyfish-Anatomy

Срцето во основа служи да пумпа крв во телото, за да можат кетките да добијат кислород и хранливи материи, а да го исфрлат јаглеродниот диоксид. Но, она што е специфично за анатомијата на медузата е тоа што надворешната обвивка од клетки, позната и како ектодерм, е со дебелина од само неколку клетки, така што кислородот едноставно дифундира во телото на медузата.

Медузите исто така имаат и многу рудиментиран дигестивен систем, каде што едноставните хранливи материи со проста дифузија се разнесуваат во телото на медузата. Благодарение на едноставната анатомија на медузата и за двата процеси на дифузија на кислород и хранливи материи не е потребна силна пумпа, како срцето, за да можат тие да продрат во организмот.

Како медузите функционираат без мозок?

Иако медузите немаат мозок или централен нервен систем, тие сепак поседуваат многу едноставни нерви што се наоѓаат на основата на нивните пипала. Со овие нерви тие чувствуваат допир, температура, соленост на водата и сл. и  рефлексно реагираат на овие стимулуси. Бидејќи немаат мозок, тие живеат пасивно и во целост се зависни од нивните автоматски рефлекси.

Медузите можат да ја осетат светлината и се ориентираат преку клетки осетливи на светлина што се распоредени по работ на ѕвоното. Преку различни сетилни клетки тие можат да ги почувствуваат хемикалиите во водата, како и да ја одржуваат рамнотежата. Нивното движење е ограничено и главно зависи од океанските струи кои ги движат нивните живеалишта. Ловењето храна е исто така случајно, бидејќи тие активно не ловат, туку едноставно чекаат пленот да допре до нивните пипала.

Според ова, медузите се навистина фасцинантни животни кои успеваат да преживеат без повеќето органи кои се витални за живот. Нивните тела се извонредно прилагодени да преживеат во бескрајното синило на океаните, прикажувајќи ни ја својата убавина – ама само од далечина.