Свежиот мирис после летен дожд е еден од најпријатните мириси во животот. Но како се создава овој мирис?
Оваа земјена арома била наречена „petrichor“ од австралиските истражувачи во 1964 година. Тие ја опишале како комбинација на растителни масла и хемиското соединение геосмин, кои се ослободуваат од почвата кога врне.
Сега, научниците од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), САД, го снимиле тој процес и покажуваат како мирисот доаѓа во воздухот. Тоа е всушност многу честа појава, но никој досега не ја набљудувал.
Со користењето на камери со висока брзина, научниците забележале како капките дожд формираат мали воздушни меурчиња кога ќе паднат на земјата. Тие велат дека меурчињата пукаат нагоре низ врнежите и еруптираат (како шампањско). Така настануваат исклучително фини капки или цврсти честички кои остануваат во воздухот како магла или чад, познати како аеросоли.
Авторите се сомневаат дека малите честички кои се испуштаат во животната средина, не само што шират забележливи ароматични елементи од почвата, туку исто така и бактерии, кои биле складирани таму. Тие откриле дека повеќе честички се произведуваат кога има мали или умерени врнежи на дожд, во споредба со поројните дождови. Честичките се шират од ветрот.
Научниците веќе покажаа дека капките дожд ослободуваат аеросоли кога паѓаат во вода, но ова е прв пат да се забележи дека овој процес се случува и на почвата.
Резултатите, објавени во магазинот„ Nature Communications“, може да помогнат да се објасни како се шират некои болести од почвата и дали дождот го зголемува ширењето на истите.