Кина објави дека ќе пресели повеќе од 9.000 жители од провинцијата Гижоу, за да обезбеди простор за најголемиот радио телескоп во светот, кој се очекува да почне со работа годинава.
Властите во Кина се надеваат дека отворениот сферичен телескоп со дијаметар од 500 метри (Five-hundred-meter Aperture Spherical Telescope (FAST)) ќе помогне во потрагата по вонземски живот, пренесува кинеската агенција Ксинхуа.
Телескопот може да открие неверојатно далечни места, па дури и вонземски цивлизации, изјавува генералниот секретар на Кинеската астрономска асоцијација за медиумите.
„FAST“, кој почна да се гради во 2011 година, чини повеќе од 180 милиони американски долари и по големина ќе ја надмине досега најголемата опсерваторија „Аресибо“ во Порторико, која е со дијаметар од 300 метри.
На жителите што ќе бидат преселени ќе им биде исплатена одредена парична компенација. Ова не е првпат Кина да преселува илјадници, па дури и стотици илјади луѓе заради големи инфраструктурни или градежни проекти.