Клаустрофобијата претставува анксиозно растројство , што подразбира ирационален страв од затворен или тесен простор. Често пати тоа резултира со напади на паника, поттикнати од различни стимули или ситуации, како на пример да се биде во преполн лифт, во мала просторија без прозори, или во авион. Кај некои пациенти кои страдаат од клаустрофобија, нивото на страв може да се зголемува и кога носат облека што е тесна околу вратот.
Што значи клаустрофобија?
Зборот клаустрофобијата потекнува од латинскиот збор „claustrum“ што значи „во затворен простор/кафез“ и грчкиот „phobos“ што значи страв.
Според некои податоци од клаустрофобија страдаат помеѓу 15 и 37% од луѓето во светот. Иако многу од нив имаат силно изразени симптоми, само мал процент добиваат некаков вид на третман за своето растројство.
Знаци и симптоми на клаустрофобија
Симптом претставува тоа што пациентот го чувствува или изјавува, додека знак е нешто што го забележуваат другите луѓе, вклучувајќи го и тоа што го забележуваат докторите. Пример за симптом е главоболката, додека осипот може да биде пример за знак.
Според „NYU Langone Medical Center“, клаустрофобијата обично се развива во периодот на пубертетот и тинејџерските години на една личност.
Клаустрофобијата е анксиозно растројство. Лицата што страдаат од клаустрофобија имаат симптоми на страв што е поттикнат од затворен простор или самата помисла на тоа. Болните стравуваат дека нема да можат да дишат, дека немаат доволно кислород, заедно со стравот дека се ограничени.
Кога стравот ќе достигне одредено ниво, можна е појава и на следните физички знаци:
– Потење
– Забрзана работа на срцето
– Зголемен крвен притисок
– Вртоглавица
– Сува уста
– Хипервентилација, или „прекумерно дишење“
– Топли бранови
– Тресење или треперење
– „Пеперутки во стомакот“
– Морници
– Напади на паника
– Несвестица
– Зашеметеност
– Гадење
– Главоболка
– Вкочанетост
– Страв од повреда или болест
– Чувство на гушење
– Стегање, а понекогаш и болка во градите
– Потреба да се оди во тоалет
– Конфузија и/или дезориентација
Примери за мали простори кои ја поттикнуваат анксиозноста кај лицата што страдаат од клаустрофобија се следните:
– Лифтови
– Гардероби за пресоблекување во продавниците
– Тунели
– Подруми
– Подземна железница
– Мали соби
– Хотелски соби каде прозорците не се отвораат
– Ротирачки врати
– Авиони
– Јавни тоалети
– Заклучени простории
– Автомобили, особено со централно заклучување
Бидејќи клаустофобијата исто така се дефинира и како фобија да се биде ограничен, заробен во некое подрачје, анксиозноста може да ја поттикне на пример и стоењето во редица на касите за наплата. И бидејќи сите спомнати ситуации можат да поттикнат силен страв и напад на паника, лицата со клаустрофобија ќе направат сѐ за да ги избегнат.
Зошто се јавува клаустрофобијата?
Генерално, клаустрофобијата е резултат на некое искуство од минатото на лицата (обично од нивното детство) што ги наведува да го поврзат малиот простор со чувството на паника или вистинска опасност. Примери за вакви искуства од минатото можат да бидат:
– Да падне во длабок базен, а да не знае да плива
– Да биде во дел каде има многу народ и да биде одвоен од родителите/групата
– Да влезе во некаква дупка и да се чувствува изгубен или заглавен
Бидејќи ваквите искуства предизвикале траума кај лицето, тоа ќе влијае на способноста да се справи со слични ситуации на рационален начин. Умот ги поврзува малите/ограничени простори со чувството на опасност и телото на тоа реагира соодветно (или како што смета дека би требало).
Овие причини се познати и како класични состојби и можат исто така да претставуваат однесување наследено од родителите. На пример, ако клаустрофобичното лице има дете, тоа дете, набљудувајќи го однесувањето на својот родител може да развие слични стравови.
Постојат и други теории за причините за клаустрофобијата
Помала амигдала – амигдала е дел од мозокот која служи за контрола како телото го процесира стравот. Во едно истражување објавено во „Psychiatry and Clinical Neuroscience“, Јуми Најамо и неговите колеги откриле дека лицата кои патат од панични растројства имаат помала амигдала од просечната. Помалата големина на амигдалата може да влијае на тоа како телото ги процесира паниката и анксиозноста.
Постои теорија според која фобиите повеќе се развиваат на генетско ниво отколку на психолошко. Истражувачите што ја поддржуваат оваа теорија сугерираат дека клаустрофобијата и некои други фобии претставуваат „успиени“ еволутивни механизми за преживување. Инстинктот за преживување што е закопан во нашиот генетски код, некогаш бил од клучно значење за опстанокот на човекот, но повеќе не е неопходен.
Тим од истражувачи од Германија и Велика Британија, во истражувањето објавено во „Translational Psychiatry“, велат дека дефект во само еден ген веројатно придонесува за развојот на клаустрофобијата.
Како се дијагностицира клаустрофобијата?
Клаустрофобијата се дијагностицира од страна на психолог или психијатар. Постојат неколку методи со кои може точно да се одреди дали лицето страда од клаустрофобија и во кој обем. Тие методи се следните:
Прашалник: Прашалникот, што првично е направен во 1993 година, а модифициран во 2001 година, претставува голема помош во идентификацијата на симптомите на клаустрофобија. Прашалникот е особено корисен за одредување на тоа дали пациентот го вознемирува стравот од задушување или од ограничувње.
Скала: Скалата што е изработена во 1979 година е метода што се состои од 20 прашања, што кога ќе се одговорат помагаат да се утврди нивото на анксиозност кога се дијагностицира клаустрофобијата.
Опции за третман на клаустрофобија
Когнитивно -бихејвиорална терапија (КБТ): Ова е метода препорачана кај повеќето анксиозни растројства. Целта на оваа терапија е да настанат промени во умот на пациентот, за да не се чувстува повеќе загрозен од местата од кои се плаши. Пациентите обично постепено, се соочуваат со мали простори и им се помага да се справат со својот страв.
Набљудување на други луѓе како третман за клаустрофобија: Истражувачите од Институтот Каролинска во Шведска, во својот извештај во списанието „Psychological Science“ наведуваат дека фобиите може да се излечат со гледање на други луѓе како се однесуваат со тоа што нив им предизвикува страв.
Лекови: Лековите може да помогнат да се контролираат симптомите на анксиозност, но не го решаваат самиот проблем. Стручните лица може да применат лекови, доколку со други интервенции не се постигнати задоволителни резултати.
Вежби за релаксација: Длабокото дишење, медитирањето и вежбите за релаксација на мускулите се ефикасни за справување со негативните мисли и стравови.
Алтернативни/природни лекови: Постојат неколку природни продукти и хомеопатски лекови за кои некои пациенти тврдат дека им помогнале да се справат со нападите на паника и стравовите.
Во видеото, Стела Лоренси, асистент-професор по психологија од Универзитетот Емори, објаснува дека луѓето со високо ниво на клаустрофобичност имаат тенденција да ги намалуваат растојанијата, односно, работите што се околу нив да ги гледаат поблиску отколку што тие навистина се.
Од друга страна пак, лицата што се плашат од височина (акрофобија) ја преувеличуваат вертикалната димензија.