Кај некого, само да ја погледнат им предизвикува страв, вознемиреност па дури ѝ им се лоши. Но без неа, транспортот на кислород, регулацијата на температурата и метаболизмот би биле невозможни. Оваа супстанција игра клучна улога во нашиот имун систем и ги снабдува ткивата во телото со потребните хранливи материи. Се разбира се работи за најскапоцената течност – крвта.
Што точно се случува кога течноста што живот значи, ќе почне на некој начин да излегува од нашето тело. Понекогаш, малите крварења што се случуваат, како на пример при бричење, при убод на прст, едвај ги забележуваме, но што се случува при големите крварења, кога телото губи сериозни количини на крв и почнува да ги чувствува последиците?
Без доволно крв што може соодветно да ги извршува своите функции, луѓето може да се најдат во сериозни проблеми.
Еве што се случува кога крвариме, кои се опасностите од брзо губење на крв и колку крв може да изгубиме, пред штетите да станат непоправливи.
Крварење
Стручниот назив за крварење е хеморагија, што означува излевање на крв надвор од системот за циркулација, како последица на раскинување на крвен сад.
Хеморагијата може да се случи и внатре во телото (кога се работи за внатрешно крварење) и надвор од телото. Многу е лесно да се предизвика крварење, бидејќи сите видови трауми – од удар па до фрактури, може да предизвикаат крвта да тече каде што не би требало.
„Крварењето е поголемо кога ќе се повреди некој голем крвен сад“- вели д-р.Џое Алтон од Американскиот Колеџ за хирургија и автор на книгата „The Survival Medicine Handbook“. Тој посочува неколку крвни садови, чие оштетување може да доведе до сериозни крварења, меѓу кои југуларната вена на вратот, брахијалната артерија во пазувите и гранките на аортата во телото. Отворањето на феморалната артерија (што се наоѓа на бутот) резултира со толку обемно крварење, што предизвикува онесвестување во рок од една минута, а смрт во рок од само неколку минути.
Според прирачникот „ATLS“ (Advanced Trauma Life Support) на Американскиот Колеџ за хирургија, крварењата можат да се поделат во четири класи по својата обемност. Во првата класа спаѓаат најмалите крварења, кога се губи количина еднаква или помала од 15% од вкупниот волумен на крвта во телото. За споредба, кога се донира крв, се вади од 8 до 10% од вкупниот волумен на крвта. Обично, при губење на ова количество на крв нема некои значителни симтоми, иако некои луѓе може да почувствуваат слабост.
Класа 2 крварење – претставува губиток од 15 до 30% од волуменот на крвта. Во овој случај почнуваат да се манифестираат знаци на губиток на крвта. Телото настојува да го компензира губитокот на крв, меѓу другото и со убрзана работа на срцето, за да овозможи доволен проток на крв во ткивата. Пациентот се чувствува лошо, блед е и со ладна кожа.
Класа 3 крварење – се случува при губиток на крв од 30 до 40% од вкупниот волумен на крвта. При ваков обем на крварење обично е неопходна трансфузија за да се надокнади изгубената крв. Срцето чука многу брзо и се бори да обезбеди кислород во ткивата, крвниот притисок паѓа, а малите крвни садови се стегаат за да се задржи крвотокот во внатрешноста на телото.
Последната класа 4 крварење – се јавува при губиток на над 40% од вкупниот волумен на крвта. Во вакви случаи потребна е итна интервенција за реанимација, бидејќи во спротивно ќе биде невозможно пациентот да преживее. Срцето не ќе може да ја одржи циркулацијата и крвниот притисок, и пациентот ќе падне во кома, по која следи смрт.
Оваа состојба се нарекува хиповолемичен шок, а прогнозите зависат од многу фактори, меѓу кои и од количество на изгубената крв, брзината со која пациентот крвари, како и од природата на повредата или болеста што го предизвикала крварењето.
Како да се преживее крварењето?
И покрај тоа што штетите од крварењето се очигледни, телото сепак има неколку одбранбени механизми со кои се обидува да преживее. Причината зошто се јавува бледило при крварење не е само затоа што има помалку крв во телото, туку и поради процесот што се нарекува вазоконстрикција – стегање на крвните садови, за да може крвта да се распореди во поважните делови, како што е мозокот и внатрешните органи.
Телото се обидува да ја задржи крвта таму каде што припаѓа, па логично е и првата помош при крварењето да го следи истиот модел. Да се притисне раната со парче ткаенина и да се подигне местото на повредата над нивото на срцето, се првите два добри чекори, при обид да се контролира крварењето. Употребата на подврска, од друга страна е контроверзна, поради можноста од оштетување на ткивото, па затоа е потребно тоа да го изведуваат обучени лица.