Колку ветерни турбини би ги задоволиле енергетските потреби на целиот свет?

Ветерната енергија е прилично потценет ресурс. Иако САД минатата година имаат вложено 14,5 милијарди долари во проекти за ветерна енергија, сепак, според Американската асоцијација за ветерна енергија, од ветерните електрани се oбезбедуваат само 4 проценти од енергетски потреби на земјата.

И на глобално ниво процентот е речиси ист, а според проценките на истражувачите од Харвард, ветерните електрани надвор од урбаните средини имаат потенцијал да произведуваат и до 40 проценти од потребите на потрошувачите.

Како би изгледало глобалното напојување со енергија добиена од ветерни турбини?

Стив Сојер, Генерален секретар на Советот за глобална ветерна енергија направил пресметка, според која 21.000 терават-часа (што е просечната годишна глобална потрошувачка на електрична енергија) поделено со 0,005256 терават-часови годишно производство на енергија од ветерни турбини е еднакво на околу 3.995.434 турбини.

Доколку бидат расоредени блиску една до друга, овие 3.995.434 турбини би зафатиле површина колку половина Алјаска, вели Сојер.

Ветерните турбини низ светот имаат различен размер во однос на просторот, што зависи од локацијата, при што се потребни од 1 до 0,5 квадратни километри за мегават енергија.

Доколку турбините се постават на поголемо растојание, 3,9 милиони турбини би зафатиле површина нешто помала од Шпанија.

Во своите пресметки, Сојер зел предвид дека просечна ветерна турбина произведува 2 мегавати енергија и има 30 проценти ефикасност на глобално ниво. Тоа значи дека со максимален капацитет работи 30 проценти од времето, со оглед на тоа дека нема секогаш ветер и дека ветерните електрани понекогаш се затворени заради рутинско сервисирање.

Во овој процент се вбројуваат и ограничувањата во електричната мрежа– на пример, доколку мрежата добива повеќе енергија од ветерните фарми од што може да издржи, менаџерите ќе исклучат неколку турбини.

Овие 30 проценти всушност претставуваат добра ефикасност. За споредба, соларните проекти работат просечно со 20 проценти ефикасност, а капацитетите за производство на енергија од фосилни горива, при максимален капацитет имаат ефикасност во просек од 40 до 60 проценти.

Кога ќе се помножи просечниот потенцијал на ветерните турбини (2 мегвати) со 30 проценти просечна годишна ефикасност и 8.760 часа во една година, се доаѓа до пресметката на Сојер за годишната просечна количина на  мегават-часови енергија, што една турбина може да ја произведе (5.265 мегават-часови или 0,005265 терават -часови).

windturbinesonmountain_1024

Во зависност од големината на турбината (поголема турбина може да произведе повеќе електрична енергија), можеби во целина би биле потребни помалку ветерни турбини.

Ако се користат само исклучително ефикасни турбини (т.е. тие што произведуваат 4 мегавати енергија, со капацитет од 40 проценти) за да се задоволи целокупната светска потрошувачка на енергија, би биле потребни околу 1.49 милиони турбини.

Благодарение на напредокот во технологијата на ветерните турбини, трошоците за имплементирање на ветерната енергија се опаднати за 90 проценти од 1980 година наваму.

Ветерните турбини денеска може да се направат многу поголеми од било кога порано, што им овозможува да бидат и многу помоќни.

Турбините што се инсталирани во море, може да продуцираат три пати повеќе енергија од турбините поставени на копно, бидејќи ветеровите се посилни на море, отколку на копно.

Да се постигне глобален консезус дека треба да се инсталираат милиони ветерни турбини во светот тешко може да се очекува, па дури и со намалените трошоци. Сепак, да се намали зависноста од фосилните горива секогаш е цел за почитување.

Текстот е објавен во  „Business Insider“.

Поддржете ја нашата работа: