Лендерот Фили ќе се разбуди идната година?

Точната локација на Фили е мистерија уште од ноември, поради лошото слетување на кометата за коешто пишувавме во една од минатите статии. Фили се закотви и „заспа“ под сенката на една карпа, со што сонцето не ги осветлува целосно неговите соларни панели и научниците не се сигурни дали ќе може да се разбуди откако ќе ги потроши првичните залихи на енергија.

Научниците се обидуваат да сфатат што точно се случило, меѓутоа последните анализи на податоците од Фили за време на неговото кратко „будно“ време на кометата сугерираат дека добива доволно енергија од Сонцето за да преживее и дека најверојатно повторно ќе се вклучи наредната година.

Тимот на научници направил груб 3D модел на опкружувањето на Фили, според фотографиите направени по слетувањето кои покажуваат дека Фили се закотвил помеѓу две карпи. 3D моделот сугерира дека лендерот добива сончева светлина 4 часа и 30 минути дневно, што е доволно за да преживеат клучните компоненти, но не за да истражува.

Сликите од местото на слетување би им помогнале на научниците да предвидат уште колку сончева светлина ќе добие Фили како што кометата ќе се доближува до Сонцето. Сликите се направени од страна на Розета пред неколку денови и се чека да пристигнат на Земјата во секој момент. „Се чувствуваме исто како да чекаме подароци за Божиќ“, истакнуваат истражувачите.

Ако Фили се разбуди, неговата лоша позиција на слетување може да има придобивки за науката. Анализите на сликите кои веќе ги имаме откриваат неколку достапни заледени површини, а тоа е многу повеќе отколку она што ќе можевме да го видиме доколку слеташе на рамна површина.

„Ако Фили се разбуди, ќе можеме одново да го направиме тоа што планиравме да го направиме, и тоа со повеќе податоци отколку што се надевавме“, заклучуваат научниците.

Поддржете ја нашата работа: