Личните предмети на Марија Кири Склодовска се сѐ уште радиоактивни

Марија Склодовска Кири, позната и како „мајка на модерната физика“, починала од апластична анемија, ретка болест поврзана со високата изложеност на нејзините познати откритија, радиоактивните елементи полониум и радиум.

Кири, првата и единствена жена која добила Нобелова награда во две различни полиња (физика и хемија), ги продолжила истражувањата на францускиот научник Хенри Бекерел кој во 1896 година открил дека елементот ураниум емитира зраци.

Работејќи заедно со својот сопруг, францускиот научник Пјер Кири, двајцата брилијантни научници во 1898 година откриле нов радиоактивен елемент. Го нарекле полониум, по родната земја на Марија Кири, Полска.

Сепак, и после 100 години, повеќето од личните предмети на Кири, меѓу кои и нејзината облека, мебелот, книгата со рецепти за готвење и лабораториските белешки, се сѐ уште радиоактивни, пишува авторот Бил Брисон во својата книга „Кратка историја на речиси сѐ“ (A Short History of Nearly Everything).

Лабораториските белешки на Кири, кои се сметаат за национално и научно богатство, се сместени во оловни кутии и се чуваат во Националната библиотека на Франција.


Иако, библиотеката им дозволува на посетителите да ги видат ракописите на Кири, од посетителите се очекува да потпишат документ дека тоа го прават на лична одговорност и да носат заштитна облека, бидејќи предметите се контаминирани со радиум 226, кој има време на полураспаѓање од 1.600 години (според Christian Science Monitor).

Нејзиното тело е исто така радиоактивно и е поставено во ковчег обложен со олово со дебелина од скоро три сантиметри.

Марија Кири почива во Францускиот Пантеон, мавзолеј во Париз, каде се наоѓаат и посмртните останки на многу угледни Французи, меѓу кои и филозофите Русо и Волтер.

Поддржете ја нашата работа: