Месечините и прстените на Сатурн се помлади од диносаурусите?

Кога се работи за формирањето на планетите и месечините, обично се зборува за настани кои се случиле пред повеќе милијади години. Тоа е толку голем временски период  што е тешко дури вистински да се разбере. Но тоа сега не може да се каже кога се работи за Сатурн и неговите фамозни месечини и прстени, затоа што тие можеби се формирале пред „само“ 100 милиони години, што ги прави помлади и од некои диносауруси.

Според истражувачите од институтот „SETI“ (Search for Extra-terrestrial Intelligence Institute), нов комјутерски модел покажува докази дека внатрешните месечини и прстени на Сатурн се релативно нова креација, особено ако се земе предвид дека самиот Сатурн, заедно со другите планети од нашиот Сончев систем се формирале пред околу 4,5 милијарди години.

Овие наоди се добиени од анализата на орбиталните податоци од месечините на планетата. Бидејќи Сатурн има голем број месечини што кружат околу него, тие мора да делат заеднички простор, што значи дека орбитите на месечините имаат влијание една на друга. Со тек на време, овие орбити се зголемуваат.

Затоа, логично би било орбитите на помладите месечини да бидат различни, поедноставни од орбитите на постарите месечини, бидејќи постарите месечини всушност имале период од неколку милијарди години за да се деформираат. Или како што истакнуваат во SETI:

„Преку споредба на сегашниот нагиб на орбитите и оние предвидени со комјутерските симулации, истражувачите можеле да откријат колку се зголемиле орбитите на сатурновите месечини. Излегува дека орбитите на некои од најзначајните сателити – Тетида, Диона и Реа, се помалку деформирани отколку што се мислеше претходно“.

За креирање на симулациите, истражувачите ги користеле податоците од мисијата Касини. Наодите покажале дека месечините на Сатурн, освен најоддалечените како што е Титан, најверојатно се формирале пред околу 100 милиони години. Ова значи дека многу од сатурновите месечини се формирале во периодот кога на Земјата живееле многу од познатите диносауруси – односно периодот Креда.

Ова секако е  супер-долг период , но космички сметано, тоа е како да се случило вчера.

Истражувачите се надеваат дека овие наоди ќе помогнат да се одреди староста и на другите месечини во нашиот Сончев систем и надвор од него.

Наодите од истражувањето се објавени во „Astrophysical Journal“.

Поддржете ја нашата работа: