На градот во кој улиците се редовно се „поплавени“ од смог, холандскиот уметник Дан Розегард му го понуди своето ексцентрично решение – 7- метарската метална структура која го собира смогот и испушта чист воздух.
„Smog Free Tower“ на Розегард (прочитајте повеќе на енаука.мк) била поставена во четвртокот на тревната површина во познатата уметничка област 798 во Пекинг. Составена од 45 сребрени панели, кои изгледаат како делумно отворени прозорски ролетни, кулата содржи машина за прочистување на воздухот која работи континуирано, со низок шум.
Во најзагадените денови во Пекинг едвај може да се дише, особено во зимските денови кога регионалните топлани работат со полн капацитет. Нивото на прашина и штетни честички во воздухот во Пекинг се меѓу највисоките во светот.
Истражувањата спроведени од кинеската влада покажале дека постои поврзаност помеѓу зголемениот број на рак на бели дробови и загадениот воздух и во деновите кога загадувањето е особено високо, учлиштата не ги пуштаат децата надвор за време на одморите, а многу пешаци носат маски наменети за болниците или за градежните работници.
Розегард, чиј проект се фокусира на поврзувањето на луѓето со природата и енергијата, дошол на идејата за кулата откако го посетил Пекинг пред три години, кога од својот прозор не можел да види што се случува надвор заради густата замагленост.
Во неговото студио во Холандија, Розегард и тим од дизајнери почнале да работат на проект кој ќе може да одговори на загадувањето во Пекинг и ќе ги потенцира придобивките од борбата против загадувањето, иако на ограничен начин.
Кулата во Пекинг почна да работи една недела пред да биде официјално промовирана. Таа ќе биде претставена и во други градови во Кина.
Розегард сака во иднина да изгради повеќе вакви кули, веројатно со средства од кинеската влада, која намалувањето на загадувањето го постави како еден од главните приоритети. Тој исто така се надева дека кулата ќе биде инспирација за иновативно размислување меѓу жителите на Кина и другите земји кои се борат со големо загадување.
Кулата била претставена во релативно добар ден за стандардите на Пекинг, при ведро небо и благ ветер. Дали воздухот навистина бил почист, тешко е да се каже. Ненаучното тестирање со помош на рачен уред за мониторирање покажало дека воздухот во близина на кулата бил малку почист од подалечниот воздух.
Сепак, постои умерен оптимизам дека ова може да направи разлика, иако во мали размери.